Што ги прави македонските граѓани најнесреќни на Балканот?

Децата ми заминаа во странство, зошто да бидам среќен, вели еден од жителите на Охрид со кого разговаравме во рамките на кусата анкета во која прашувавме зошто македонските граѓаните се меѓу најнесреќните народи во светот.

Македонските граѓани се најнесреќни во регионот и се на дното во Европа. Тие се на 87 место од вкупно 137 држави од целиот свет на најновиот извештај за среќa „Среќата во светот 2023“ на Обединетите Нации. Според него посреќни од Македонците се жителите на Хрватска на 48-то место, Босанците 71, Црногорците 67, Албанците на 83 место. Најсреќни од поблиското опкружување, се косовските граѓани на 34-то место и Србите на 45-то место.

Граѓаните за Гласот на Америка велат, дека актуелната економска и политичка состојба во државата се главна причина за тоа.

Your browser doesn’t support HTML5

Што велат македонските граѓани: Дали се најнесреќни на Балканот?

Во продолжение ги пренесуваме одговорите што ги добивме од граѓаните:

Граѓанин: „Јас мислам дека несреќата сами си ја направивме. Дадовме име, дадовме историја, дадовме се. Се испродадовме, зошто да бидеме среќни“.

Граѓанин: „Зошто е така. Мрзливи се не работат, не се доволно организирани, трето народ кој не чита, не може напред да оди. И приликиве и платите сеè е заминато. Нема кој да ги организира. Вие лично среќен човек ли сте? До некаде сум среќен. Зошто? Децата не ми се тука, и каква среќа ќе имаме. Децата заминаа и тоа е тоа“.

Граѓанин: „Самиот народ е крив, никој не е друг крив. Им ја даваш власта, а не мислат за народот. Економската ситуација е катастрофа. Има луѓе кои се секојдневно по контејнери и не можат да излезат на крај“.

Но, некои од лицата со кои разговаравме имаат поразличен став.

Граѓанин: „Има и понесреќени. Човекот секогаш треба да биде задоволен со тоа што го има. Овие што се во Турција, кои настрадаа од земјотресот уште полошо живеат“.

Граѓанин: „Ние сме среќни во слобода живееме. Имаме јадење, пиење, убаво крајбрежје. Охрид е убав град“.

Граѓанин: „Јас 72 години имам, пресреќна сум, од храната од народот. Јас сум пресреќна. Дојди да видиш што сè се пазари, секој кука, а секој има. Сите имаме, само ние сме научени да кукаме“.

Граѓанин: „Јас сум многу среќен. Девојки покрај мене, во убав град живам. Што ми треба повеќе. Ете дека има и среќни луѓе. Знаеш што е најважно во животот, да се разбудиш жив, ако не се разбудиш жив, ништо друго не е важно“.

Според статистиките од македонските граѓани, од европските земји понесреќни се само жителите на Грузија, Турција и Украина. Посреќни од Македонците се дури и жителите на Конго и Јужна Африка.

Шеста година по ред, најсреќни жители има во Финска, а потоа следуваат Данска, Исланд, Израел, Холандија, Шведска, Норевешка и Швајцарија. Последни на оваа листа, односно најнесреќни се во Авганистан и Либан.

Светската анкета на Галуп, која е главен извор на податоци во овој извештај, кој годинава се објавува по 11-ти пат, бара од испитаниците да го оценат својот тековен живот како целина, односно да одговорат колку се чувсствуваат среќни и зошто.