Зимерман се појави пред суд

Осомничениот за убиството на Трејвон Мартин, 17-годишен афро-Американец, Џорџ Зимерман е во притвор

Волонтерот за чување на редот во населбата, обвинет за убиство од втор степен на афро-американски тинејџер, Џорџ Зимерман, во четврток за прв пат се појави пред суд во Флорида.

Појавувањето беше кусо. Судијата тогаш го закажа следното рочиште за 29 мај, кога формално ќе биде поднесена неговата изјава дека не се смета за виновен.

Но, се` уште не е сигурно дали Зимерман ќе остане во притвор до тогаш. Надвор од судницата, неговиот адвокат Мајк О`Мара на новинарите им кажа дека одвоено сослушување ќе има по барањето неговиот клиент да биде пуштен на слобода со кауција.

Зимерман сам се предал на полицијата во средата, откако судијата соопштил дека ќе се покрене кривично обвинение. По инцидентот, полицијата го привела, но бидејќи Зимерман кажал дека пукал во тинејџерот во самоодбрана, тој бил ослободен без обвинение.

Ослободувањето на Зимерман предизвика недели на протести од луѓе кои бараа тој да биде соочен со последиците на пукањето.

Семејството на Мартин вели дека тинејџерот не бил вооружен и дека Зимерман се намерил на него заради расата. На американската телевизија мајката на Мартин, Сибрина Фултон, кажа дека фактот што патиштата на двајцата се вкрстиле било случајност, но убиството на нејзиниот син го нарече убиство.

Второстепено убиство е дефинирано како намерно убивање, но кое не било направено со умисла. Тоа исто така може да биде дефинирано како убиство предизвикано од опасно однесување на осомничениот и непочитување на човечкиот живот. Максималната казна е доживотен затвор.