За време на инаугурацијата, новиот претседател на Зимбабве, Емерсон Мнангагва го пофали неговиот претходник и вети дека следната година ќе одржи „демократски“ избори. Тој рече дека граѓаните на Зимбабве „никогаш не треба да бидат заложници на минатото“.
Мнангагва денес положи свечена заклетва како нов претседател на Зимбабве, со што заврши 37 годишното авторитарно владеење на Роберт Мугабе.
Мнангагва го нарече Мугабе „татко на нацијата“, истовремено признавајќи дека поранешниот претседател направил „грешки и пропусти во владеењето“.
Новиот лидер пред насобраните на стадионот во Хараре, рече дека „сега задачата е обнова на нацијата“.
Мнангагва вели дека тој е посветен на давање компензација на земјоделците кои го загубиле земјиштето за време на владеењето на Мугабе. Критичарите на Мугабе велат дека контроверзната програма за реформи во земјата со која беше одземена земјата од белите земјоделци предизвикало глад во нацијата, која се сметаше за главна во областа на прехрамбената индустрија во Јужна Африка.
На поранешниот претседател и на неговата сопруга, Грејс Мугабе, им бил даден имунитет.
Групите за човекови права го обвинуваат Мугабе за местење избори, корупција и одговорност за тортура и убиство на илјадници политички противници.
Државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, ги повика новите лидери на Зимбабве да осигурат дека во земјата ќе има слободни и фер избори.