Животна цел ни е да настапиме на светските музички сцени, велат браќата Србиноски - млади музичари од Охрид

Your browser doesn’t support HTML5

Разговор со млади музичари од Охрид

Виктор Србиноски кој заврши седмо одделение неодамна имаше привилегија да настапи заедно со Македонска филхармонија и беше најмладиот солист

Првите почетоци ги прават во основното музичко училиште Методи Патче од Охрид. Едниот на пијано, другиот на виолина, браќата Владимир и Виктор Србиноски, денес имаат една единствена цел, да бидат дел од најпознатите светски музички сцени. Желбата за свирење се родила гледајки ги настапите на близок роднина, кој што исто така е музичар.

„Мојот план е да станам концертен пијанист. Да ги освојам светските сцени, да одржувам концерти семинари и да сум професор на некој од познатите факултети. Би било идеално да сум во некоја од познатите музички држави, како што се Австрија, Германија и Швајцарија“, рече Владимир Србиноски кој свири на пијано.

„Ќе продолжам и се надевам дека ќе свирам на многу концерти низ многу држави“, вели Виктор Србиноски кој свири на виолина.

Виктор кој заврши седмо одделение, неодамна ја имаше привилегијата, која само малкумина ја имаат, да настапи заедно со Македонска филхармонија и беше најмладиот солист. Тој е само вториот ученик од училиштето, кои досега настапиле со филхармонија.

„Настапот е концерт „Младите доаѓаат“. Тој концерт се свири заедно со Македонската филхармонија. На аудицијата од 24 ученици примаа само 10 ученици, од кои јас бев еден од нив“.

Владимир кој иако заврши втора година средно музичко училиште, како врвен професионалец изведува дела од Шопен, Рахмањинов и Лист. И двајцата се добитници на бројни домашни и меѓународни награди.

„Една од наградите, која последно ја добив е награда на „Даворин Јенко“ во Белград, прва награда. Другите се награди на државни натпревари. Последно сега имав 100 поени на државниот натпревар во Скопје. Потоа на фестивалите „Охридски бисери“ и „Охрид те сакам“, специјални први награди. На меѓународниот натпревар во Пиран, Словенија освоив втора награда“.

„Најомилена награда ми е концертот со филхармонија. Имам награда и на државен натпревар, специјални први награди, специјална награда на „Охрид те сакам“ и прва награда на натпреварот во Пиран, Словенија“, рече Виктор Србиноски.

Велат дека најмалку три до четири часа во текот на еден посветуваат на вежбање.

„Со напорна работа и со голем труд се стигнува секаде. Не е доволен само талентот. Треба да се вложи многу труд и напор за да се стигне до целта“, рече Владимир Србиноски.

Од музичкото училиште велат дека и со двајцата институцијата се гордее и се надеваат дека ќе имаат блескава музичка кариера. А од ова училиште веќе произлегле имиња, кои имаат светска слава.

„Владимир Четкар е еден од претставниците на ова училиште, кој и ден денес музицира и е познат во светски рамки. Симон Трпчевски исто така. Ги има многу“, вели директорот на ОМУ „Методи Патче“ - Охриф Наумче Џуклески.

Владимир и Виктор ги очекува напорна работа, и многу настапи во земјава и странство, од каде се надеваат дека ќе се враќаат со награди.