Со последниот ден од јуни заврши можноста за бесплатно гранично осигурување за возилата со украински таблички што влегуваат во земјава. Владина одлука за продолжување на ослободувањето од т.н. Зелен картон за возилата од Украина, засега нема.
Од Здружението на Украинците „Лесја Украинка“ велат дека чекаат да видат дали ќе има некоја Владина одлука за евентуално продолжување на можноста за бесплатно осигурување за возилата.
„Чекаме и ние, да видиме. Наши сограѓани некогаш имаат потреба да излезат од земјава, да завршат работа, да земат работи што им останале надвор или да се сретнат со роднини“, вели Александр Урбанович од украинското здружение.
Одлуката важеше за возила што до вчера, 30 јуни, влегле во земјава. Притоа, како што беше објаснето, ослободувањето за тие возила ќе важи сè до нивниот престој во земјава
Од секторот за односи со јавност во Владата, во изјава за Гласот на Америка, потсетија на одлуката на Националното биро за осигурување, а која беше донесена на 10 март годинава по Владина иницијатива.
Според таа одлука „патнички возила со Украински регистарски таблички кои влегуваат во РСМ со статус бегалци од војната во Украина, со намера да останат или транзитираат, членките на НБО (Национално биро за осигурување) за тие возила што немаат зелена карта, нема да наплатуваат гранично осигурување“.
Управниот одбор на Националното биро тогаш донесе согласност сите евентуални штети причинети од возила со Украински регистарски таблички на територијата на РСМ да бидат надоместени од Гарантниот фонд на Бирото.
Одлуката важеше за возила што до вчера, 30 јуни, влегле во земјава. Притоа, како што беше објаснето од Националното биро за осигурување, ослободувањето за тие возила ќе важи сè до нивниот престој во земјава, а најмногу до исполнување на Законските одредби за движење на странско моторно возило во РСМ.
Од Владината прес-служба, истакнуваат дека засега нема предлог иницијатива за носење нова одлука за бесплатно гранично осигурување за украинските возила.