Завршена истрагата против Палевски за убиството на Вања и Панче

Обвинителството ќе бара спојување на постапките и на Палевски да му се суди со останатите четворица обвинети. Тоа автоматски значи одложување на стартот на судскиот процес кој беше закажан за 30 јули

СКОПЈЕ – Обвинителството соопшти дека финиширало со истрагата против Љупчо Палевски – Палчо за убиствата на четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска и седумдесет и четиригодишниот Панче Жежовски. Оттаму најавуваат дека ќе бараат спојување на постапката со останатите четворица против кои веќе е поднесен обвинителен акт. Од денес течат законските рокови за одбраната на Палевски а потоа ќе следи и обвинение против Палевски. Со спојувањето на постапката ќе се одложи стартот на судскиот процес кој беше закажан за 30 јули.

„Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје достави известување за завршена истрага до првоосомничениот за двојното грабнување и свирепо убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски. Со ова тече законскиот рок на одбраната да изврши увид во доказите. По истекот на овој рок и поднесување обвинение, јавниот обвинител ќе предложи спојување на судските постапки против вкупно петмина обвинети за овој кривично-правен настан, бидејќи постојат законските основи предвидени во член 28 од Законот за кривична постапка. Со цел да се овозможи единственост на постапката, обвинителството ќе побара одлагање на рочиштето закажано за 30-ти јули против четворицата претходно обвинети“, соопштија од Обвинителството.

Против осомничениот Стефан Димковски од Струмица кој го превезе Палевски од Белград во Турција истрагата е исто така завршена ново овој случај постапката ќе се води одвоено.

На почетокот на месецов Кривичниот суд во Скопје го одобри обвинителниот акт против Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски за грабнувањето и свирепите убиства на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Манев, Видевски и Кешишов, се обвинети за две дела грабнување и убиство додека Александар Ѓорчевски, таткото на Вања е обвинет за грабнување.

Сопартијците и блиски соработници на Палевски – Манев, Кешишов и Видевски, по приведувањето и во текот на истрагата прстот го вперија во Палевски како организатор на планот и извршители на свирепите убиства. Тие изјавиле дека Палевски им кажал дека информациите за движењето на четиринаесетгодишната Вања ги добил од нејзиниот татко Александар кој пак од самиот почеток во целост ги негира обвинувањата.

Според обвинителниот акт, Палевски заедно со Манев, Кешишов и Видевски на 22 ноември минатата година го грабнале Жежовски од неговиот дом во Велес за да им го даде автомобилот „цитроен“ потребен за грабнувањето на Вања. Жежовски го однеле кај местото викано Рудник во околината на Велес каде го убиле.

Четири дена подоцна, на 27 ноември обвинетите и Палевски ја киднапираат Вања во влезот од зградата во која живее на улицата Наум Наумовски Борче во центарот на Скопје.

„Со шрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, па кога жртвата излегла од лифтот, ја фатиле, ја совладале и ја врзале, заканувајќи ѝ се да не вика затоа што ќе пукаат. Ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент и со автомобил ја однеле во близина на местото викано Дупки, во атарот на селото Бразда. Таму на свиреп начин со умисла го лишиле од живот малолетното лице, така што првоосомничениот ѝ нанел огнострелна повреда со истрел од пиштол со калибар 9 милиметри, а обвинетите го закопале телото во претходно ископана дупка. Потоа на нива покрај земјен пат, во атарот на селото Бразда, го запалиле автомобилот ’Ситроен‘ со велешки регистарски таблици, за што употребиле бензин во туба што го набавил еден од обвинетите“, соопштија од Обвинителството.

По свирепите убиства Палевски побегна од државата и по неколкудневно бегство беше уапсен во Турција и потоа екстрадиран во државата.