ВАШИНГТОН, 4 септември – Претставници на САД, Велика Британија и на Европската унија неделава планираат заеднички да извршат притисок врз Обединетите Арапски Емирати за да ги запрат испораките на стоки во Русија кои би можеле да и помогнат на Москва во војната против Украина, објави Волстрит журнал, повикувајќи се на американски и европски претставници.
Официјален претставник на ОАЕ, како одговор на барањето на Ројтерс за коментар, рече дека земјата „строго се придржува до санкциите на ОН и има јасни и силни процеси за справување со санкционираните субјекти“.
ОАЕ „континуирано го следи извозот на производи со двојна употреба“, кои имаат и цивилна и воена примена, под нивната правна рамка за контрола на извозот, додаде официјалниот претставник.
Официјални лица од Вашингтон и европските престолнини беа во посета на ОАЕ како дел од колективниот глобален притисок за да се држат компјутерските чипови, електронските компоненти и другите таканаречени производи со двојна употреба од руски раце, се вели во извештајот на Волстрит журнал.
ОАЕ, членка на нафтената алијанса ОПЕК + во која е вклучена Русија, одржува добри врски со Москва и покрај притисокот на Западот да помогне да се изолира Русија поради инвазијата на Украина која започна во февруари 2022 година. Тоа не се совпаѓа со глобалните санкции наметнати на Москва.
Стејт департментот одби да коментира на прашањето за извештајот на Волстрит журнал.
Официјалниот претставник на ОАЕ додаде дека ОАЕ остануваат во близок дијалог со меѓународните партнери, вклучително и САД и Европската унија за конфликтот во Украина и неговите импликации врз глобалната економија.
„Банките на ОАЕ, под надзор на Централната банка и други релевантни органи, го следат почитувањето на санкциите наметнати на Русија за да спречат кршење на меѓународното право“, рече претставникот на ОАЕ.