Минатиот месец, највисоките американски функционери во Конгресот изјавија дека претседателските избори во САД ќе бидат фер и безбедни, благодарение на заострувањето на заштитните мерки и зголемувањето на соработката меѓу федералните, државните и локалните власти.
„Од сајбер закани, од физички закани, од оперативни ризици и од странско малигно влијание. Една работа треба да се забележи, дека тоа е различноста и децентрализацијата на нашата изборна инфраструктура, бидејќи со неа управува државата“, објаснува Џен Истерли, директорка на Агенцијата за сајбер безбедност.
Во градот Александрија, Вирџинија, скенерите за гласачки ливчиња не се поврзани на интернет, што го прави процесот побезбеден од обиди за хакирање.
„Дополнително, ги тестираме скенерите пред секои избори преку многу интензивен тест за логика и точност за да се осигураме дека тие се правилно програмирани“, вели Енџи Маниља Тарнер, директорка за избори во Александрија.
За да обезбеди транспарентен процес, градот обучува до 500 изборни службеници за прелиминарните и ноемвриските избори. Тие учат за тоа какви се барањата за гласање, како да работат со скенерите на гласачките ливчиња и да ги потврдат резултатите од гласачкото место.
„Колку луѓе се пријавиле... колку гласачки ливчиња поминале низ машината и тоа преку целиот ден... Ги ротираме позициите и неможе да дојде до малверзација“, вели Џули Подолски службеничка за изборен процес.
Со оглед на поларизираното политичко опкружување и потенцијалните закани, изборните службеници исто така учат техники за деескалација.
„Можеби ќе има некој изолиран поединечен инцидент или некој имал лош ден, но најчесто тоа не е толку страшно“, вели Марк Дајер, службеник.
Аналитичарите со кои разговараше Гласот на Америка, исто така, очекуваат дека, генерално, претстојните претседателски избори ќе поминат без проблеми.
„Многу очи се вперени кон нашиот изборен систем, а на противниците тоа не им се допаѓа. Тие бараат меки цели, работи што луѓето навистина не ги гледаат. Чувствувам дека од тие причини, навистина нема да има многу безбедносни настани околу изборите во 2024 година“, вели Антон Дабура, од Институтот за информациска безбедност „Џон Хопкинс“.
Но, постои уште еден вид закана за која гласачите треба да бидат свесни, велат поборниците за гласање.
„Постојат погрешни информации и дезинформации за гласачките системи и за тоа како функционираат работите за да ја поткопа довербата во нашиот демократски процес. Мислам дека тоа всушност е многу поголема грижа“, вели Сузан Гудман, Одговорна за изборна безбедност.