Полемика Заев - Иванов

  • Синиша Станковиќ
„Јас како премиер и господинот Ѓорге Иванов, како претседател, треба да им помогнеме на граѓаните, а не да им одмогнеме“, изјави денеска премиерот Зоран Заев

Тоа беше дел од одговорот на Заев по соопштението на претседателот Иванов, во кое беа изнесени забелешки за Заев и за начинот како се водат преговорите со Грција во спорот за името, како и барање на претседателот за постигнување национален консензус околу почитувањето на достоинството на граѓаните и на македонскиот народ.

„Зачувувањето на уставното име и изнаоѓањето на решение кое нема да предизвика уставни промени во никој случај не е насочено против интеграцијата на Македонија во Европската унија и во НАТО. Склучувањето на меѓународен договор содржан во еден или повеќе поврзани меѓусебни документи, треба да биде во согласност со Уставот на Македонија, а не да предвидува негова измена“, стои во соопштението на Иванов.

Така, во очекување на попладневниот, втор телефонски разговор во два дена, на премиерите Заев и Алексис Ципрас, со кој, според најавите, треба да се постигне конечен договор меѓу Грција и Македонија, повторно се разви полемика на релација премиер и претседател на Македонија.

Најпрвин, Иванов го обвини Заев и за манипулирање пред евентуалниот референдум за името, излегувајќи со став дека перспективата на Македонија не може да биде загрозена во ниту еден момент, како и дека чувствителното прашање за името - не смее да се решава низ пазарење низ телефонски разговор на премиерите Заев и Ципрас. Според Иванов, ставот на Заев „претставува очаен обид за манипулација на јавноста и за наведување на македонските граѓани“.

Потоа, уште еднаш Заев јавно порача дека Иванов треба да им даде поддршка на преговорите: „Ние политичарите треба да им служиме на граѓаните и треба да градиме соработки, да ја унапредуваме Македонија во сите нејзини перспективи. Во таков случај, јас верувам дека ние ќе имаме состаноци, таму можеме да ги вадиме сите аргументи, секој да постапува согласно своите надлежности и да не заборавиме дека сме поставени од граѓаните. Тие нè поставуваат, тие нè менуваат и согласно, за вака важно прашање одлучивме референдумското изјаснување да биде многу важно“, истакна денеска Заев.