За доизградба на автопатот Кичево-Охрид, државата ќе продолжи да користи кинески пари. Откако сè поизвесно е дека речиси 600 милиони евра колку што досега чини неговата изградба нема да бидат доволни, премиерот Христијан Мицкоски, рече дека ако има потреба, државата повторно би се задолжила кај кинеската Ексим банка.
На нашето прашање од каде би се земале тие пари, дали повторно од кинеската Ексим банка, премиерот рече:
„Па најверојатно би се продолжил тој заем, но се` уште не сме дошле да размислуваме за тоа, бидејќи даваме се` од себе да не дојде до тоа. Имаме 16 свлечишта кои ги решаваме и во зависност од начинот на конструктивното решавање на тие свлечишта можно е да дојде до зголемување на цената, бидејќи некој неодговорно се однесуваше седум години во минатото“.
Дека најверојатно ќе бидат потребни дополнителни средства, потврди пред неколку дена и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски:
„Можеби ќе бидат потребни, бидејќи овој проект е правен уште во 2014 година. Тогаш стандардите биле други, а сега се други и ние мора да ги пратиме европските стандарди. И затоа можеби ќе треба некаде и да се дополни. Не можам да ви кажам колку, бидејќи немам (таква) информација“.
Автопатот Кичево-Охрид се гради повеќе од една деценија. Неговата изградба почна во мај 2014 година, Неколку пати беа пробивани роковите за негово завршување. Последно требаше да биде готов до крајот на 2023 година. Сега актуелната власт дава ново ветување, за пуштање во употреба во 2026 година.
„Роковите си ги зададовме сами и ќе ги реализираме. До почетокот на следната туристичка летна сезона, ќе завршиме некаде околу 40 километри, автопатот од влезот на Охрид, до селото Врбјани, односно каде почнува Пресека. А до крајот на 2026 година ќе се заврши со целото автопатско решение од Кичево до Охрид“, вели Министерот за внатрешни работи Александар Николоски.
Од самиот почеток овој проект го следат бројни скандали, како на пример во врска со проектната документација, стара неколку децении, недоволен број на работна сила и нерешени прашања поврзани со експропријацијата.
Инаку, она што го карактеризира овој и други кинески заеми, е што правилата за нивно добивање важат за пофлексибилни од оние на европските кредитори, стои во анализата на невладината „Естима“, Со надеж за најдобро, подготвени за најлошо: дали Република Северна Македонија е ранлива на економски притисок од Народна Република Кина?
„Условeноста на Кина (...) вклучува практикување на еквидистанца од внатрешните прашања на Кина, заедно со почитувањето на политиката на една Кина. Во тој контекст, македонската влада го прифати „кинескиот начин“ на реализација на големи инфраструктурни проекти и избра кинески изведувач меѓу две однапред избрани компании преку преговори зад затворени врати. Иако овој modus operandi овозможи спроведувањето да започне брзо по потпишувањето на договорот, исто така, доведе до корупциски скандал на високо ниво“, стои во анализата.
Договорите за заем склучени со кинеската Ексим банка содржат одредби што ги ставаат земјите приматели во тесна рамка. Според договорите, Кина, преку својата политичка банка, има право да донесе кинеска работна сила во обем до 49 % и кинески градежни материјали во обем до 51 % од вредноста на договорот.
„Да ужива целосно ослободување од ДДВ, царина и акцизи, еднострано да го суспендира договорот, да го откаже заемот и да побара итна отплата во широк опсег на околности. Да донесе одлука за откажување на неискористените средства или во случаи на претплата или реструктуирање. Да ја користи арбитражата на Кинеската меѓународна економска и трговска арбитражна комисија во Пекинг, додека применливото законодавство е кинескиот закон, што претставува голема асиметрија меѓу страните“, објаснува „Естима“ во анализата.
Патот Кичево-Охрид, првично требаше да биде готов во 2019 година и да изнесува 374 милиони евра. Беа потпишани неколку анекси на договорот, со Синохидро, за продолжување на роковите и позајмица од дополнителни 180 милиони евра, со што досега се стигна до сума од 598 милиони евра.