Не секогаш финансиската ситуација е пресудна зошто младите во земјава и понатаму својата иднина ја гледаат надвор од државата. Напротив предничат недоволната вклученост во процесите на донесување на одлуки, несоодветните младински политики и стратегии, вработувањата по партиска линија и непотизмот, а голем дел од нивните идеи остануваат запишани само на хартија.
Ова го покажува едно неодамнешно истражување на здружението Инклузија од Охрид спроведено помеѓу 200 средношколци. Весна Цветаноска- активист од Здружение Инклузија вели:
„Резултатите кои ги добивме се фрапантни. Дури 84% од средношколците размислуваат да го продолжат школувањето надвор од Македонија или Охрид и повеќе од 90 % од нив не планираат да се врати назад во Македонија“.
Истражувањето покажало и дека преку 95% од сите средношколци доколку не заминат надвор од државатаa единствената можност за вработување ја гледаат во државна администрација.
Со новиот закон за младинско учество и младински политики кој е во фаза на подготовка треба да се отворат повеќе можности за младите луѓе, поактивно да влијаат врз нивниот начин на живот и да бидат активни чинители во општеството, вели Ана Манасиева од Агенција за млади и спорт:
„Младите сакаат да се чувствуваат важни во целиот овој процес и да знаат дека одлуките кои се носат се нивни одлуки, дека младите одлучуваат за младите. Не сакаат функционерите или носителите на функции да донесуваат одлуки без младите да бидат претходно консултирани за тоа“.
На законот работea претставници на младински организации, институции како и подмладоци на политички партии, a истиот се очекува наскоро да се најде во собраниска процедура.
„Во делот на финансирање каде се утврдува 1% од буџетот на Република Северна Македонија за реализирање на националната стратегија за млади. Од повеќето мерки се отворање на нови работни места со тоа што на национално ниво ќе има едно претставничко тело ќе ги претставува младите“ вели Куштрим Ала од ДУИ.
Заклучокот е дека еден од најголемите проблеми во земјава останува иселувањето на младата популација.
„Но целосната слика на сите потешкотии со кои младите се соочуваат е поголема и треба системско решение и заеднички од сите аспекти и сфери да се работи на тоа“ смета Мила Карадоакова од Центарот за младински активизам Крик.
Активската Весна Цветаноска од Здружение Инклузија вели дека треба да се направи обид да се задржат младите:
„Како држава имаме должност пред нас и пред сите идни млади генерации да направиме стратегии кои ќе го запрат одливот на мозоци. Доцна е, но ајде да се обидеме да ги задржиме барем тие што останаа овде'.
Во Струга и во повеќе градови низ државата се одржуваа консултативни средби на кои можеа да се слушнат мислењата и предлозите на младинските активисти. Се очекува законот наскоро да се најде во собраниска процедура.