Јемен: Во нови напади со беспилотни летала убиени 12

Во седум напади за две недели убиени се најмалку 30 наводни терористи во Јемен
Јеменски официјални лица велат дека во три нови напади со беспилотни летала биле убиени најмалку 12 осомничени милитанти додека САД ја прошируваат борбата против ал-Каида на Арапскиот полуостров.

Безбедносни официјални лица велат дека нападите од четвртокот имале за цел милитанти на ал-Каида кои возеле автомобили во провинциите Хадрамоут и Мариб. Седум напади на американски беспилотни летала последниве две недели убиле најмалку 30 наводни терористи во Јемен.

Во средата, Јемен кажа дека открил заговори на ал-Каида за заземање на пристанишен град и терминал за нафта со кој раководел Запад. Јемен го засили обезбедувањето во главниот град, Саана, и насекаде.

САД и Британија го евакуираа дипломатскиот персонал од земјата заради закана од јеменскиот огранок на ал-Каида. Осумнаесет други американски дипломатски мисии на САД низ Блискиот исток и Африка остануваат затворени, заради заканата.
Во меѓувреме, Саудиска Арабија уапси двајца осомничени кои може да го планирале нападот на западните амбасади. Според државната новинска агенција едниот е Канаѓанец, а другиот Јеменец.