Седум од 10 луѓе во светот умираат од кардиоваскуларни болести, рак, дијабетес и хронични белодробни заболувања. Ова го покажува нова студија на магазинот Лансет.
Овие болести не само што водат до прерана смрт, туку создаваат и огромни финансиски трошоци.
Во извештајот на Лансет се проценува дека во следните 15 години, тие трошоци само во земјите во развој ќе бидат над седум трилиони долари.
Пред три години, светските лидери се обврзаа да ја намалат предвремената смртност предизвикана од незаразни болести за една третина до 2030 година.
На состанок на Генералното собрание во Њујорк во четвртокот Генералниот директор на Светската здравствена организација Др.Тедрос Адханом Гебрејисус истакна дека помалку од половина од земјите во светот ќе ја постигнат таа цел, поттикнувајќи ги светските лидери да ги обноват своите заложби за постигнување на овие цели.
Тедрос повика на поголема политичка посветеност и домашно вложување. Тој рече дека од сопствено искуство знае дека „со политичка посветеност, се е можно. Без тоа, напредокот е бавен.”
Тедрос укажа на политички промени кои чинат малку, но носат големи придобвки. „Овие политики на СЗО се исплатливи и достапни за сите земји. Трошењето за да се подигне поздрава популација не е трошок. Тоа е инвестиција во човечки капитал што носи голема награда.”
Тедрос ги повика земјите да ги зголемат даноците на цигари, да го намалат рекламирањето на алкохол, да ја намалат количината на сол, шеќер и маснотии во прехранбените продукти. Преку ова ќе се намали ризикот од дијабетес, рак, срцеви заболувања и мозочни удари. Тој ги советуваше земјите да ги вакцинираат девојчињата од рак на грлото на матката, што исто така ќе ги намали случаите на карацином на главата и вратот кај мажите.
Тедрос исто така препорача земјите да овозможат универзално здравство како најдобар начин за превенција и третман на незаразните заболувања.
Тој рече дека ако овие политики се спроведат глобално, тоа ќе спаси 10 милиони животи до 2025 година и ќе превенира 17 милиони мозочни и срцеви удари до 2030 година. Повторно фокусирајќи се на економските придобивки, Тедрос рече дека имплементацијата на овие мерки ќе генерира 350 милијарди долари за економски раст во најсиромашните земји до 2030 година.