Македонките подобри возачи од мажите

Државниот завод за статистика го урна стереотипот дека жените се полоши зад воланот, но го потврди фактот дека жените се помалку платени

Жените во Македонија живеат четири години подолго од мажите. Државниот завод за статистика (ДЗС) по повод 8-ми март објави десетина интересни статистички податоци кои се поврзани со жените во Македонија. Животниот век на жените во Македонија е 77 години, за разлика од мажите чиј просек е 73. Во Македонија има помалку жени од мажи - 49,9%, но затоа повеќе жени се со високо образование.

Минатата година 58 отсто од дипломираните студенти биле припаднички на понежниот пол, односно 4.787 а, поголем е бројот и на жени магистерки на науки од мажите. Во Македонија има 1.107 магистри или 58,9 отсто од вкупниот број на магистранти, односно 111 доктори на науки од понежниот пол.

Минатата година најчесто женско име било Јана и Сара а се` повеќе жени се одлучуваат да раѓаат едно или две деца.

Според официјалните податоци на ДЗС во 2016-та година, вкупниот број на вработени жени бил 283.834 од кои 94,3 отсто биле пријавени на полно работно време. Интересно е што 74,8 отсто се вработени во приватниот сектор.

Жените во Македонија, дневно, во просек минуваат еден час и 50 минути пред телевизорот. Два часа и 16 минути е времето кое жените од урбаните средини дневно го поминуваат во забава и култура што е двојно повеќе од жените во руралните средини. Вработените жени во Македонија дневно минуваат 15 отсто од времето во слободни активности за разлика од невработените кои имаат повеќе време на распоилагање и нивниот просек изнесува 21 отсто.
Кога станува збор за домот, во просек 16 отсто од сите домашни активности на жената отпаѓаат на чистење на станот или куќата.

И оваа година за 8-ми март во Скопје кафулињата и рестораните се букирани до последно место. Трговците тријат раце а продажбата на цвеќиња е десеткартно зголемена.

Меѓутоа и оваа година, традиционално, жените излегоа на протест барајќи еднакви права и можности. Околу илјада жени, девојки, активистки и активисти се собраа денеска на вториот „Марш за правата на жените” чија цел е да се подигне свеста на јавноста и на носителите на одлуки за нееднаквата положба во која се наоѓаат жените во македонското општество.

Состојбата со родовата еднаквост во државата останува само декларативна заложба на властите, оценуваат од Хелсиншкиот комитет по повод Меѓународниот ден на жената.

„Жените во Македонија се` уште се соочуваат со дискриминација по основ на пол и род во сите општествени процеси, без притоа да имаат заштита на нивните права. Меѓу најранливите групи се посочуваат текстилните работнички, жените од руралните средини, жените Ромки, жените жртви на насилство и жените со попреченост“, соопштија од Хелсиншки.

Статистичките податоци со кои располага Комитетот покажува дека 78 отсто од жртвите на физичко насилство се жени, а 98 отсто од сторителите на семејно насилство се мажи. Од 2008-ма до 2016-та година регистрирани се 70 фемициди. Над три четвртини од случаите на семејно насилство не се пријавени во ниту една надлежна државна институција.
Според Секцијата на жени при Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), голем е бројот на случаи на мобинг врз жените на работното место, но мал е бројот на оние кои се охрабруваат да го пријават тоа бидејќи се плашат да не го загубат работното место.

„Во Македонија се смета дека рамноправноста е постигната меѓутоа тоа е само на хартија, а реалноста кажува нешто друго. Жените се 12,5 проценти помалку платени од мажите во сферата на трудот“, изјави Санела Доневска од Секцијата на жени при КСС.

Кога станува збор за пазарот на трудот над 80 отсто од вработените во текстилната, кожарската и чевралската индустрија се жени и тие се едни од најниско платените работнички со 35 проценти пониска просечна плата од платата на државно ниво.

Истражувањата на неколку граѓански организации покажуваат дека жените добиваат меѓу 9 и 20 отсто помал личен доход од мажите со кои имаат идентичен степен на образование и работат на исто работно место.

Родовата еднаквост во Македонија најчесто е застапена низ бројки и тоа во државната администрација каде е речиси идентичен бројот на вработени жени и мажи. Како и во секоја држава жените доминираат во здравството и во образованието, но сепак и во тие сектори највиоските раководни функции ги извршуваат мажи.

Во моментов во Македонија има четири жени министри во Владата, 45 пратенички во актуелниот состав на Собранието и шест градоначалнички.