Администрацијата на претседателот Доналд Трамп останува фокусирана на сојузните држави и нивното олеснување на мерките за социјално дистанцирање, како и на отворање на дел од бизнисите, додека истовремено се справува со заразени со коронавирус меѓу вработените во Белата куќа.
Најмалку две лица во Белата куќа се покажаа позитивни на коронавирус, односно лицето вработено за лични услуги на претседателот Трамп, и портпаролката на потпретседателот Мајк Пенс.
Портпаролот на Пенс изјави дека потпретседателот бил негативен на тестот, и оти денес се враќа во Белата куќа, каде треба да одржи видеоконференција со гувернерите на сојузните држави, во врска со справувањето со пандемијата и економското заживување.
Владиниот главен експерт за справување со пандемијата, доктор Ентони Фаучи, ќе остане во изолација, и покрај тоа што тестот покажал оти е негативен на вирусот.
Во изолација ќе бидат и директорите на Центрите за контрола и превенција на болести, и на Администрацијата за храна и лекови, откако присуствувале на состанок каде бил и еден од заразените вработени во Белата куќа.
Досега повеќе од 1, 3 милиони лица во САД се заразени со коронавирус, а повеќе од 80.000 починаа.
Њујорк, како најпогодена американска сојузна држава со речиси 27.000 смртни случаи, размислува за отворање на некои бизниси в петок, како што направија некои други сојузни држави каде беа забележани помалку заразени.
Гувернерот Ендрју Куомо, нареди задолжително тестирање двапати неделно, за вработените во центрите за грижа во неговата сојузна држава.
Нов Зеланд планира да ги намали рестрикциите в четврток, кога на луѓето ќе им биде дозволено да одат во ресторани, кина и во трговски центри.
Луѓето ќе можат и да патуваат внатре во државата, додека училиштата и баровите ќе се отворат следната недела.
Франција, Шпанија, Белгија и Грција, исто така, ги олеснуваат мерките, додека британскиот премиер Борис Џонсон рече дека е прерано за отворање на неговата држава.
Јужна Кореја, пак, стравува за можен нов бран на заразени, откако два дена по ред регистрираше повеќе од 30 нови случаи.
Според податоците на универзитетот Џонс Хопкинс, во светски рамки, бројот на заразени надмина 4,1 милион лица, со над 282,000 смртни случаи.