Што е следно за забраната за патување?

Најверојатно случајот ќе биде изнесен пред Врховниот суд, сметаат некои стручњаци.

Неделава Федерален апелационен суд се очекува да одлучи во врска со владиното барање, да се прекине привремената пауза на извршната наредба на претседателот Доналд Трамп за забраната за патување.

Минатата недела понизок Федерален суд издаде привремен прекин на наредбата на претседателот, велејќи дека владата не може да ја спроведе одлуката за 90-дневна забрана за влез на лица од седум држави со главно муслиманско население и 120-дневниот прекин за влез на бегалци.

Тричлениот судски панел од Деветтиот окружен апелационен суд одлучува дали да се одобри одлуката, да се поништи или евентуално да се врати назад до понизок суд, на понатамошно разгледување. Без разлика на нивната одлука неделава, случајот најверојатно ќе заврши во Врховниот суд.

Судиите преку телефон ги ислушаа аргументите на адвокатите кои ги преставуваа сојузните држави Вашингтон и Минесота, и кои велат дека забраната за патување е неуставна и треба да се поништи. Аргументи даде и претставник на Одделот за правда, кој кажа дека претседателот има право да издаде таква извршна наредба и да ја заштити националната безбедност.

За време на изложување на доказите, претставникот на Одделот за правда Аугуст Флентје, пред судиите изнесе можност одлуката да се примени за лицата кои не се наоѓаат во САД, но да ги исклучи оние кои веќе пристигнале во земјата.

Според Рори Литл, професор по право, судиите не биле убедени од целокупните аргументи на владата и малку веројатно е дека ќе ја повлачат блокадата над извршната наредба на Трамп.

„Мислам дека во секој случај, администрацијата на Трамп ќе го изнесе случајот во Врховниот суд“, кажа тој.

Запрашан за оваа можност, претседателот Трамп рече: „Се надевам дека не мора“ и дека ќе помине преку системот. Тоа е многу важно за земјата, без разлика дали се работи за мене или оној кој ќе ме наследи.“

Противниците велат дека ако се обнови важноста на извршната наредба, тоа ќе се предизвика конфузија и хаос на многуте национални аеродроми, како што се случи кога извршната наредба беше потпишана од претседателот Трамп на 27-ми јануари. Стотици лица беа задржани од страна на пограничните службеници, а некои беа и депортирани. Оваа акција предизвика национални протести и предизвика законски акции на многу фронтови.

Ако Деветтиот окружен суд донесе одлука по случајот, наместо да го врати на разгледување на понизок суд, ќе има големи импликации за можната акција на Врховниот суд.

Највисокиот суд во државата се`уште не е комплетиран по смртта на судијата Антонин Скалиа, и сега е поделен подеднакво помеѓу четворица либерални и четворица конзервативни судии. За да се преиначи одлуката на Апелациониот суд ќе бидат потребни пет гласа, што значи ако судиите се изјаснат четири наспроти четири, ќе остане одлуката на Деветтиот окружен суд.

Врховниот суд исто така може да реши да не го разгледува случајот.

Засега извршувањето на наредбата е целосно суспендирана, и застапниците за имиграцијата ги охрабруваат лицата кои добиле американски визи да дојдат во САД колку што е можно порано. Веднаш по симнување на забраната, и по советите на застапниците, имигрантите почнаа забрзано да пристигнуваат.