Во пресрет на зимата, кога аерозагадувањето повторно ќе биде проблем број еден со кој ќе се соочуваат македонските граѓани, Врховниот суд неодамна, донесе одлука со која ја задолжува државата да обезбеди чист воздух и здрава животна средина, преку спроведување во пракса на соодветните акциски планови, закони и стратегии.
Во спротивно граѓаните ќе можат да ги тужат државните и локални институции, пред соодветните судски органи, доколку им биде повредено тоа право. Станува збор за иницијатива на Центарот за правни истражувања и анализи од Скопје, и адвокатско друштво од Охрид.
Your browser doesn’t support HTML5
„Со ова начелно правно мислење, ќе се значително олесни пристапот кон правда, бидејки сега има определен репер кон кој сега судовите можат да донесуваат одлуки, било какви да се тие. Сега полесно ќе биде граѓаните да се охрабрат да ги бараат тие права“, вели Александар Гоџо, адвокат од Адвокатско друштво „Гоџо, Кичеец и Новаковски“ од Охрид.
За вие да докажете дека имате проблем со амбиенталниот воздух, треба да докажете дека некој тоа го креира како состојбаАлександар Гоџо, адвокат
Право на тужба граѓаните и до сега имаа. Поднесени се дваесетина пред Управниот суд, но постапките се влечат со години, поради тешкотиите истите да се докажат. Со ова сега се отвара можност за поефикасна имплементацијата на законските прописи од страна на локалните и државни органи вели Гоџо.
„За вие да докажете дека имате проблем со амбиенталниот воздух, треба да докажете дека некој тоа го креира како состојба, дека тој е штетник и дека тој некоја состојба треба да ја врати во некоја поранешна состојба или соодветно да компензира. Овие прашања кои сега ги расчистува Врховниот суд сега ги расчистува на едно друго поле на правото, а тоа е правото кое го тангира управната материја“, објаснува адвокатот Гоџо.
Според екологистите ова е добар знак за граѓаните. А, проблемот со аерозагадувањето е многу тешко решлив, бидејки поради социо-економска состојба, многу граѓани се принудени да се греат на дрва, или да користат други нееколошки материјали, вели Зороски.
„Нашата држава одамна доцни со воведување на еколошки енергенси. Дали тоа е гасот или со обновливите извори на енергија, иако во последно време се прават напори за нивно побрзо воведување. Сепак она што досега се игнорирало и се ставало под тепих сега си го зема данокот, а данокот го плаќаат граѓаните“, вели екологистот Ѓоко Зороски-екологист-екологист.
Решението Зороски го гледа во замена на дрвната маса со поеколошки енергенси.
„Решението е во субвенционурање на еколошки грејни тела, неограничено користење на сончевата енергија и енергијата од ветер. Сето она што значи субвенција за почиста енергија и јакнење на свеста на граѓаните“, посочува Зороски.
Скопје, Битола, Струмица, Тетово, секоја зима се меѓу најзагадените градови во Европа па и светот. Според УНИЦЕФ, секој деветти смртен случај кај новороденчињата во Северна Македонија е поврзан со загаден воздух.
Во нивниот најнов извештај се вели дека во земјата, ризиците од загадениот воздух се особено високи и оти загадувањето на воздухот одзема повеќе здрави години од животот во споредба со кој било друг поединечен еколошки фактор. Според Институтот за јавно здравје секоја година во земјата од загаден воздух умираат 5.000 граѓани.