Вредни украински уметнички дела спасени со транспорт во полски музеи

  • VOA
За да ги заштитат од уништување, украински музеи испратија на чување вредни слики во соседна Полска. Во војната во Украина до сега се уништени културни белези вредни повеќе од 2,5 милијарди долари. Известува Лесија Бакалец

Кралскиот замок во Варшава има две слики од украинскиот музеј Каненко, приложени како „Ремек-дела од Киев“. Ова се само дел од колекцијата што музејот ја испрати во Полска на чување за време на војната.

„Некои од нив потекнуваат од италијанската ренесанса, Фиренца и Сиена. Дел од нив навистина се ремек-дела“, вели Војчех Фалковски од Кралскиот замок – Варшава.

Your browser doesn’t support HTML5

Уништено музејско богатство во Украина од ракетирањата

Кралскиот замок има 38 уметнички дела од киевскиот музеј Каненко, официјално познат како Националниот музеј на уметностите Бохдан и Варвара Каненко.

„Кога започна војната, мислам дека Кралскиот замок беше еден од првите што ни напиша писмо за поддршка и понуда за помош. Овие дела ќе бидат побезбедни овде, бидејќи, за жал, нема безбедно место во Украина“, вели Јулија Ваганова, в.д. директорка на музеј Каненко.

Заканите за колекцијата станаа очигледни во октомври, кога руска ракета падна во близина на музејот.

„Сите прозорци напред беа исфрлени. Од бранот експлозија паднаа стаклени делови од покривот. Оштетени се и рамки и некои врати“, додава Ваганова.

Оштетениот музеј е историска зграда и ќе бара внимателна реставрација.

УНЕСКО вели дека стотици културни објекти во Украина се во слична ситуација повеќе од една година од војната.

„Вкупниот број на оштетени локации во Украина поради војната од почетокот на војната во февруари 2022 година е 262 локации. А од овие 262 локации, има 24 музеи кои се делумно или целосно оштетени“, вели Криста Пикат од УНЕСКО.

Во музејот Каненко, работниците ја отстранија колекцијата и ја дадоа на чување веднаш по почетокот на војната. Внатре, ѕидовите се празни.

Но, музејот сè уште бара можности да ги покаже своите ремек-дела на светот, иако изложбите се невозможни во Украина.

„Не сакаме само да ги скриеме, туку ја искористиме можноста да покажеме дека тие дела не ги напуштиле збирките на музејот. Ова е нашата културна дипломатија“, објаснува Ваганова.

Затоа дел од колекцијата на музејот е изложена во Вилнус, Литванија, а античките икони се наоѓаат во Лувр во Париз.

Изложбата во Кралскиот замок на преостанатите уметнички дела на Каненко се подготвува сега, со помош на вработените од музејот во Киев.

„Предложив организирање на кратки престои на луѓето од музејот Каненко во замокот. Да се подготват монографии на предмети и исто така да учествуваат во реновирање“, вели Фалковски.

Изложбата во Варшавскиот кралски замок ќе биде отворена во 2024 година. Сите ремек-дела од музејот Каненко ќе бидат во Полска најмалку две години.