„Вреди“ доби мандат во „шестка“ на сметка на „Европскиот фронт“

Осум наспрема осум е бројот на освоени мандати на „Вреди“ и „Европски фронт“ во шестата изборна единица по прегласувањето во селото Ларце. Во петата изборна единица нема измени во мандатите. Димитар Ковачевски се повлече од лидерската функција во СДСМ

СКОПЈЕ – Прегласувањето во седумте изборни места во петата и шестата изборна единица донесе промена во бројот на освоени мандати. Иако се очекуваше дека ќе има рокади на мандати во двете изборни единици, рокада на мандати има само во ИЕ 5, каде Коалицијата „вреди“ освои мандат плус на сметка на Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ.

Државната изборна комисија (ДИК) ги објасни целосните резултат според кои во петата изборна единица (ИЕ 5) коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО ДПМНЕ освои вкупно 74.287 гласови и остана на освоените 10 мандати бидејќи им недостасуваат нешто над 700 гласа за да освојат уште еден мандат на сметка на Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ.

Во шестата изборна единица (ИЕ 6), коалицијата „Европски фронт“ освои 53.731 глас и загуби еден мандат и на своето конто сега има осум мандати исто како и Коалицијата „Вреди“ која со прегласувањето на своето конто инкасираше 47.849 гласови и 8 мандати.

„Сакам да истакнам дека почнуваат да течат роковите за приговори. До петок до 19 часот се за гласање а за сумирање и утврдување на резултатите е до 22 часот “, изјави Александар Даштевски, претседател на ДИК.

По денешното прегласување ДУИ и коалицијата која ја предводи падна на 18 мандати колку што има и СДСМ додека коалицијата „Вреди“ се искачи на 14 мандати. ВМРО – ДПМНЕ останува на 58 освоени мандати во идниот парламент кој се очекува да се конституира следната недела.

Претставниците на Коалицијата „Вреди“ одржаа прес пред избирачкото место во селото Ларце на која соопштија дека освоија уште еден мандат 14 ти и тоа го прославија со торта. Башким Асани, од Коалицијата „вреди“ им се заблагодари на граѓаните за масовниот одзив и кажа дека и на денешното гласање имало притисоци од полициски службеници и нудење поткуп кои се нотирани и кои ќе ги пријават кај надлежните органи во наредните денови.

„ И кога се гласа без притисоци и кражби, без манипулации, резултатот е денес кој го имаме. Ние го добиваме и 14тиот пратеник. Сакам да им се заблагодарам на сите кои излегоа да гласаат. И покрај сите притисоци на началници на полиции и инспектори, се нудеа пари за гласови, ние овие случаи утре ќе ги пријави и ќе инсистираме на одговорност. Коалицијата „вреди“ има блиску 500 гласа а „Европскиот фронт“ 48 гласа“ изјави Башким Асани од Коалицијата „Вреди“.

А рокада ќе има и во СДСМ, но не со пратенички мандати туку со претседател и раководство. Во пресрет на состанокот на Извршниот одбор на партијата, лидерот Димитар Ковачевски соопшти дека се повлекува од функцијата и го повика раководството да го стори истото иако некои од нив веќе најавија свои оставки. Причина е катастрофалниот резултат на претседателските и парламентарните избори и историски најмал број на освоени гласови и пратенички мандати.

„ И јас и партиското раководство имаме одговорност, исто како што имаат одговорност и сите именувани и избрани функционери, вклучително и сите партиски функционери на локално и централно ниво. СДСМ ќе треба добро да погледне навнатре, да размисли што направивме и кои се резултатите и слабостите во последните 4 години, можеби и во последните 7 години. Процесот на обнова мора да е на сите нивоа. Барам да се свика Конгрес на СДСМ заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на СДСМ, избрани од Конгресот, со оглед на изборните резултати. Како високо морален чин се повлекувам од функцијата Претседател на СДСМ. Истовремено повикувам истото да го направи целокупното раководство на партијата по вертикала од членовите на раководството, преку централните партиски органи, се до општинските органи на раководење на партијата“, стои во соопштението на Ковачевски испратено до медиумите.

Ковачевски од партиските тела побара носење на сите потребни одлуки за организирање на Конгрес на СДСМ за анализа на изборните резултати и организирање на внатрепартиски избори, согласно Статутот на партијата.