Барање поткуп, кражба на лекови, манипулации со терапиите, отфрлање систем за контролa, сомнителни медицински истории за постоечки и непостоечки пациенти. Тоа се само дел од објавите во македонските медиуми за можните случувања на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
Разговаравме со новинарките што стојат зад повеќето од овие објави, Ирена Мулачка од неделникот „Фокус“ и Мирослава Симоновска од „Слободен печат“.
Your browser doesn’t support HTML5
Мулачка: „Главните индиции дојдоа пред 6-7 месеци кога двајца вработени од клиниката дојдоа, неможејќи веќе да го издржат тоа што се случува таму. И, на некој начин раскажаа кои се главните проблеми, а меѓу кои беше и начинот на кој се манипулира со терапијата“.
Симоновска: „Првпат случајот со Онкологија почнав да го следам во ноември 2022 година. Во тој период се појави еден билтен на МВР, во којшто се потенцираше дека лице вработено на Онкологија барало мито од пациентка, за биолошка терапија што морало да ѝ ја даде“.
Тие преку медиумските објави во повеќе наврати обелоденија нивни сознанија за постоење бројни неправилности на Клиниката, а за кои веќе истражува и Јавното обвинителство.
Таму постои шема од поранешни директори, до секретари, чувари, благајници, одделенски сестри. Повеќе од 15 луѓе.Ирена Мулачка
Мулачка: „Голема помош ми беше извештајот од Државниот завод за ревизија. И покрај овие двајцата што дојдоа и зборуваа, се видов и со други вработени. Нацртаа цели шеми на сè што се случувало. Бев шокирана дека такво нешто е можно, од начинот на кој се изнесувала терапијата од клиниката, и тоа особено скапата биолошка терапија. Претходно им беше олеснет начинот на можности да го изнесат лекот од клиниката и да го продаваат на црниот пазар“.
Ми ги даваше извештаите дека таму има човек којшто нема канцер, а се води во системот како да има канцер.Мирослава Симоновска
Симоновска: „Кога излезе ревизорскиот извештај од Државниот завод за ревизија, којшто е совршенство за следење на неправилностите на клиниката, и којшто, доколку некој го читал навремено, целата оваа постапка требало да почне во март, веднаш после овој извештај“.
Мулачка: „Моите извори лично се вработени на клиниката. Далеку од тоа дека ќе кажам кои се, но луѓе кои се внатре, кои имаат доста познавања со сите проблематики. Од тоа како се правеле манипулации со терапиите и од тоа што веќе гледаат дека на голем број пациенти би можело да им се продолжи животот“.
Симоновска: „Имав комуникација со лице вработено на Клиниката за онкологија. Ми ги даваше извештаите од компјутерскиот систем, дека таму има човек којшто нема канцер, а се води во системот како да има канцер.
Мулачка: „Таму постои една поголема шема од поранешни директори, до секретари, чувари, благајници, одделенски сестри. Тоа се повеќе од 15 луѓе. Мислам дека целата клиника ги знае кои се. Но, лошо е што до сега и тие што ги знаеле молчеле.
Овој пациент е починат во 2014 година, но во 2022 година повторно во неговиот картон почнува да се лекува друго лицеМирослава Симоновска
Симоновска: „Потоа ми доставуваат нов извештај од истиот ултра-систем на болницата и ми кажуваат ‘Овој пациент е починат во 2014 година, но во 2022 година повторно во неговиот картон почнува да се лекува друго лице“.
Мулачка: „Биолошката терапија беше воведена во 2019 година. Но, не се знаеше кој ја прима, ни дали тој што ја прима има потреба од неа. Самиот директор беше тој кој години назад ставаше сам потпис и од него зависеше кој е пациентот што ќе ја прима таа терапија. Тоа е една од најголемите грешки“.
Симоновска: „Во комуникација со други извори обелоденив дека клиниката има набавено систем за автоматизирана подготовка на цитостатици. КАТО систем, којшто воопшто не се употребувал. Изворите, кои што се онколози, а дел од нив и биле вклучени во набавката на системот, велат дека со него е невозможно да се манипулира со дозите. Точно да се знае патот на лекот внатре во болницата, но тоа не било направено“.
Одделенската сестра им крати на двете пациентки од терапијата за да остане едно цело шише. Тоа шише завршува на Косово.Ирена Мулачка
Мулачка: „Одделенската сестра која треба да им ја подели терапијата и да им ја аплицира, им крати на двете пациентки од терапијата за да остане едно цело шише. Тоа шише завршува на Косово, или некаде каде што ги препродаваат. Повеќето завршиле на Косово“.
За случувањата на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Основното јавно обвинителство од Скопје засега води постапка за сторени кривични дела против здравјето на луѓето и за проневера во службата.
Симоновска: „Не стравувам дека ќе има затскривање, дека ќе има потфрлање. Верувам дека постапката ќе биде истерана до крај“.
Мулачка: „Ги знам сите со име и со презиме, но оставаме на надлежните институции да ги кажат. И, првпат после толку време имам надеж дека има шанси да се разреши целата работа“.
Од Обвинителството ни изјавија дека стапиле во контакт и со обвинителствата од Косово и од Албанија. Од таму ќе се бараат информации што би можеле да помогнат во постапката.