НАТО ги започна своите најголеми воени вежби од Студената војна – со десетици илјади војници кои треба да се движат низ Европа во наредните месеци во демонстрација на сила среде заканата од Русија.
Речиси две години по руската инвазија на Украина, конфликтот прераснува во војна на трошење - а НАТО се прилагодува на заканата од Москва.
Алијансата оваа недела ги започна „Непоколеблив бранител 24“ (Steadfast Defender 24), нејзинитенајголеми воени вежби од Студената војна. Во текот на следните месеци, околу 90 илјади воен персонал на НАТО ќе учествуваат во низа вежби низ Европа, како оние што беа видени во Романија во 2023 година. Вклучени се 50 поморски бродови, осумдесет авиони и над илјада борбени возила.
„Сето ова го правиме за да обезбедиме спремност, подготвеност и сили да го отстраниме секој простор за погрешна пресметка или недоразбирање во Москва за нашата подготвеност да ја заштитиме секоја педа од територијата на НАТО”, рече Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Логистичкиот предизвик за движење на војници и опрема е витален дел од вежбите.
„Како стигнуваат таму? И како брзо стигнуваат таму? Затоа што војната во Украина покажа дека да се биде премногу бавен значи дека дел од вашата територија може да биде окупирана и мора повторно да се освои”, рече Лиана Фикс од Советот за надворешни односи.
Ќе учествува и Шведска, која се надева дека ќе се приклучи на алијансата во наредните месеци.
Тоа е најголемата вежба на НАТО од вежбите „Реформатор“ (Reforger) во 1980-тите.
Но, додека НАТО ги раздвижува своите мускули, на нејзиниот сојузник Украина и снемува муниција - бидејќи пакетите за воена помош и во Соединетите држави и во Европската унија остануваат блокирани од политичките конфликти.
„Наративот од Украина е дека Украина го брани НАТО. И тоа е валиден наратив ако се следи логиката дека Украина всушност ја намалува руската армија, ја намали руската армија и ја намали воената закана што Русија ја претставува за НАТО алијансата. Значи, од перспектива на Украина, мора да биде осамен момент да се гледа оваа вежба на НАТО“, додаде Фикс.
НАТО оваа недела потпиша договор за 220 илјади парчиња артилериска муниција за да ги надополни залихите на членовите кои се исцрпени преку снабдувањето со Украина - но ќе бидат потребни две до три години за да стигнат.