Војната во Светата земја ме плаши, рече папата

„ (Тие се) два народа кои треба да живеат заедно. Со тоа мудро решение, две држави. Договорот од Осло, две добро дефинирани држави и Ерусалим со посебен статус“, рече Фрањо во интервју за италијанската телевизија РАИ

Папата Фрањо денес рече дека е потребно решение за две држави за Израелците и Палестинците за да се стави крај на војните, како што е сегашната, и повика на посебен статус за Ерусалим.

Во интервју за информативниот канал TG1 на италијанската државна телевизија РАИ, Фрањо, исто така, рече дека се надева оти би можело да се избегне регионална ескалација во конфликтот што започна кога милитантите на Хамас влегоа во Израел, убивајќи околу 1.400 Израелци, главно цивили, и земајќи околу 230 заложници.

„ (Тие се) два народа кои треба да живеат заедно. Со тоа мудро решение, две држави. Договорот од Осло, две добро дефинирани држави и Ерусалим со посебен статус“, рече Фрањо во интервју за италијанската телевизија РАИ.

Во 1993 година, израелскиот премиер Јицак Рабин и водачот на Палестинската ослободителна организација Јасер Арафат се ракуваа за Договорот од Осло за воспоставување ограничена палестинска автономија.

Американскиот претседател Бил Клинтон, израелскиот премиер Ехуд Барак и Арафат учествуваа на самитот во Кемп Дејвид во 2000 година, но не успеаја да постигнат конечен мировен договор.

Израел го зазеде арапскиот источен Ерусалим во 1967 година и во 1980 година го прогласи целиот град за „обединета и вечна престолнина“.

Палестинците го гледаат источниот дел на градот како главен град на евентуалната идна држава.

Израел постојано ги отфрла сугестиите дека градот, кој е свет за христијаните, муслиманите и Евреите, може да има посебен или меѓународен статус.

„Војната во светата земја ме плаши“, рече Фрањо.

Ескалацијата, рече тој, „би значела крај на толку многу работи и толку многу животи“.

Фрањо, кој повика на хуманитарни коридори за помош на жителите на Газа и прекин на огнот, рече дека секој ден разговара по телефон со свештениците и калуѓерките кои раководат со парохијата во Газа во која се засолниле околу 560 луѓе, главно христијани, но и некои муслимани.

„Засега, фала му на господ, израелските сили ја почитуваат таа парохија“, рече тој.

Тој, исто така, рече дека е загрижен за порастот на антисемитизмот, додавајќи дека голем дел од него сè уште „останува скриен“.

Војната меѓу Израел и Хамас, рече тој, не треба да ги натера луѓето да заборават на другите конфликти, вклучително и во Украина, Сирија, Јемен и Мјанмар.