Војната во Газа доминираше на отворањето на годишната дебата на Генералното собрание на ОН

Генералното собрание на ОН

Војната во Газа и нејзиното ширење во Либан доминираа на денешното отворањето на годишната дебата на Генералното собрание на ОН.

„Газа е постојан кошмар што се заканува да го земе целиот регион со себе“, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

„Не гледајте подалеку од Либан. Сите треба да бидеме вознемирени од ескалацијата. Либан е на работ. Народот на Либан, народот на Израел и луѓето во светот не можат да си дозволат Либан да стане уште една Газа“, рече тој.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш

Тој го повтори својот повик за прекин на огнот во Газа, кој го упати по избувнувањето на војната по терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври во јужен Израел.

„Меѓународната заедница мора да се мобилизира за итен прекин на огнот, итно и безусловно ослободување на сите заложници и почеток на неповратен процес кон решение со две држави“, рече шефот на ОН.

Претседателот Џо Бајден, во своето проштално обраќање до меѓународната заедница, зборуваше и за војната, велејќи дека и израелските и палестинските семејства страдаат и дека конфликтот мора да престане.

Џо Бајден - Американски претседател

„Тие не ја побараа оваа војна што ја започна Хамас“, рече Бајден. „Предложив заедно со Катар и Египет договор за прекин на огнот и заложниците. Тоа беше одобрено од Советот за безбедност на ОН. Сега е време страните да ги финализираат неговите услови: да ги донесат заложниците дома и да обезбедат безбедност за Израел и Газа. Ослободете се од Хамас, олеснете ги страдањата во Газа и прекинете ја оваа војна“.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој е гласен поддржувач на терористичката група Хамас, одржа емотивен и лут говор насочен кон Израел.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

„Би сакал овде многу јасно и гласно да кажам, израелската влада ги занемарува основните човекови права, го гази меѓународното право во секоја прилика, практикува етничко чистење, јасен геноцид врз нацијата, народот и ги окупира нивните земји. чекор по чекор“, рече Ердоган.

Тој го повика светот да го запре премиерот Бенјамин Нетанјаху.

„Пред 70 години, како што Хитлер беше запрен од сојузот на човештвото, Нетанјаху и неговата мрежа за убиства мора да бидат запрени од сојузот на човештвото“, рече турскиот претседател.

Амбасадорот на Израел во ОН го обвини Ердоган за ширење „чиста омраза“ против Израел.

Израелскиот амбасадор во Обединетите нации Дени Данон

„Има терористи кои киднапираат граѓани во тунелите во Газа, има терористи кои истрелуваат ракети од Либан, а тука е и Ердоган кој доаѓа секоја година во ОН и шири чиста омраза против државата Израел“, рече Дени Данон.

Нетанјаху сепак се очекува да присуствува на Генералното собрание и покрај ескалацијата. Данон им рече на новинарите дека ќе пристигне во Њујорк во четврток и ќе се обрати пред ОН во петок наутро.

Јордан и Израел потпишаа мировен договор во 1994 година, но односите беа затегнати откако избувна војната во Газа. Повеќе од два милиони палестински бегалци живеат во Јордан, многу од арапско-израелската војна во 1948 година што доведе до создавање на Израел, а врските меѓу заедниците се силни.

Јорданскиот крал Абдула рече дека смртта на повеќе од 41.000 Палестинци во конфликтот е резултат на последователните израелски влади кои се охрабрени со долгогодишна неказнивост и отфрлање на мирот во корист на конфронтација.

Кралот Абдула од Јордан

„Со децении, Израел се проектира себеси како просперитетна демократија од западен стил на Блискиот Исток, но бруталноста на војната во Газа го принуди светот да погледне поблиску“, рече тој. „Сега, многумина го гледаат Израел низ очите на неговите жртви, а контрадикторноста, парадоксот, е премногу застрашувачка“, додаде тој.

Абдула рече дека хуманитарната помош не смее да се користи како оружје за војна и тој ги повика другите нации да му се придружат на Јордан во воспоставувањето на, како што рече, меѓународната хуманитарна порта Газа за да се забрза помошта за очајните Палестинци. Обединетите нации соопштија дека 2,1 милион жители на Газа имаат итна потреба од помош во храна.

Украина

Додека Газа беше во центарот на вниманието на Генералното собрание, Украина беше предмет на состанок на високо ниво во Советот за безбедност на ОН.

„Путин прекрши толку многу меѓународни норми и правила што нема да застане, Русија може само да биде принудена на мир, а тоа е токму она што е потребно“, рече претседателот Володимир Зеленски.

Володимир Зеленски, претседател на Украина

„Присилување на Русија на мир како единствен агресор во оваа војна. Единствениот прекршител на Повелбата на ОН“, додаде тој.

Тој ја обвини Москва дека се обидува да го уништи енергетскиот систем на Украина пред зимата.

„Тие се подготвуваат да ги таргетираат нашите нуклеарни централи, три од нив. Ги имаме овие информации и имаме доказ за тоа“, рече тој без да навлегува во повеќе детали.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги повика земјите да ја поддржат Украина, велејќи дека таа се бори за нејзин опстанок.

Државен секретар на САД, Антони Блинкен

„Ако земјите престанат да ја поддржуваат Русија, на инвазијата на Путин наскоро ќе и дојде крајот“, рече Блинкен.

Во среда, Зеленски ќе го изнесе својот случај пред целата меѓународна заедница кога ќе се обрати на Генералното собрание.

Од 194 говорници оваа недела, меѓу кои 76 шефови на држави и 42 премиери, само 19 се жени. Шефот на ОН, Гутереш рече дека тоа е „неприфатливо“ и повика на поголема родова еднаквост.