Во првото телевизиско интервју „еден на еден“ во последните шест недели, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека е „мошне загрижувачки“ што главниот кој ја предводи истрагата за евентуални врски на кампањата на претседателот Трамп и Русија е пријател со поранешниот директор на ФБИ Џејмс Коми.
Трамп за Фокс Њуз во емисијата „Фокс и пријатели“ рече дека специјалниот истражител Роберт Мулер е „многу добар пријател со Коми, што е мошне загрижувачко“.
Претседателот сугерираше дека Мулер можеби треба да се повлече, и истакна дека „треба да почекаме да видиме“, кога три пати беше прашан дали треба да биде изземен да ја предводи истрагата против него. Трамп рече дека е загрижен дека Мулер ги задржал сите адвокати коишто претходно соработувале со демократите.
Интервјуто коешто беше снимено во четврток во Белата куќа, а се емитуваше денеска претпладне, доаѓа во време кога Трамп размислува да ги намали дневните брифинзи на еднаш неделно и ќе побара од репортерите да поднесуваат на писмено прашања.
Мулер беше назначен за специјален истражител, од Одделот за правда да ја води истрагата откако Трамп го смени Коми, кој пак, тоа време ја предводеше истрагата за руско мешање во изборите во САД. Мулер и неколку конгресни комисии спроведуваат истрага за руското мешање во минатогодишните избори со цел Трамп да победи, но и дали тој вршел опструкција на правдата.
Со месеци, претседателот ги отфрла истрагите за руско мешање во изборите, и ги нарече „ лов на вештерки“.
Според него, тие се изговор на демократите за поразот на Хилари Клинтон на изборите во САД.