Еден народ најдобро се запознава преку неговата култура и традиција. Но, ромски активисти велат дека нивната заедница нема доволно можности да се презентира себе си пред другите во македонското општество. Негодуваат што во националните културни институции застапеноста на Ромите е исклучително ниска.
Your browser doesn’t support HTML5
„На конкурсот на ФДУ не се плашев дека нема да бидам примена поради тоа што сум Ромка. Туку се плашев од самиот факт дека не сум нечие дете“.
Повеќето од луѓето, зборуваме за ромската националност, многу работи во животот пропуштаат токму поради нивната национална припадност, поради стравотЕмра Куртишова, Актерка
Емра Куртишова, актерка, миленичка на македонската публика. Таа е една од малкуте ромски уметници ангажирани во националните културни институции во земјата. До таму стигнала зашто решила да тргне по пат спротивен на стереотипите.
„Повеќето од луѓето, зборуваме за ромската националност, многу работи во животот пропуштаат токму поради нивната национална припадност, поради стравот“, вели актерката Куртишова.
Познавачите на општествените состојби укажуваат дека голем дел од предрасудите кон Ромите настануваат поради непознавањето на нивната култура.
„Кога еден народ нема своја култура и не може да ја истакне својата култура пред останатите, останатиот народ креира стереотипи и дискриминација за истиот. Ние се соочуваме со голема дискриминација во Република Македонија затоа што практично луѓето не знаат за нашата култура, не знаат кои сме ние. Сè уште живеат со тие стереотипи и предрасуди“, вели Даниел Петровски, етнолог и истражувач на ромската култура.
Во националните институции од културата се вработени вкупно 34 Роми - уметници и технички персонал
Според податоците од Министерството за култура, во националните институции од културата се вработени вкупно 34 Роми - уметници и технички персонал. За активистите тоа е далеку од доволно. Бараат поголеми чекори.
„Културен дом. Без разлика каде е изграден. Дали во Шуто оризари, како најголема ромска населба, дали во центарот на Скопје, дали во некој друг град. Ни треба културен дом којшто ќе ја афирмира, ќе ја негува и истовремено ќе ја сочува ромската култура“, додава Петровски.
Засега главен начин за институционална поддршка се конкурсите за проекти од национален интерес во културата. Од ресорното министерство велат дека тоа опфаќа поддршка и на автори од различни етнички заедници.
„Нашата земја е мултикултурна, вредност која сите заедно мораме да ја негуваме и почитуваме. Во тој контекст е и поддршката на проектите кои се одобрени во рамките на Годишните програми на Министерството за култура по дејности кои се однесуваат на поддршка, презентирање и промоција на ромската култура во нашата земја“, се вели во одговор од Министерството за култура.
Сепак, не е отсутно и мислењето дека прогресот зависи и од самата ромска заедница.
„Треба промена, кај нас самите. Ние треба да си поставиме милион прашања, да изнајдеме одговор, а не да чекаме, да сме си во некоја удобна ситуација, каде што ќе чекаме од другите“, објаснува актерката Куртишова.
Поддршката на културната разноликост е еден од главните постулати во новата Агенда за култура на Европската Унија. Од Северна Македонија се очекува да ја следи таа агенда.