Трамп: Мексиканските картели мора да бидат збришани од лицето на Земјата

Три жени, четири деца и две бебиња од американско мормонско семејство биле масакрирани и убиени на северот од Мексико во напад од нарко банда

Мексиканските картели мора да бидат збришани од лицето на Земјата, реагира претседателот на САД, Доналд Трамп откако девет жени и деца во напад од нарко банда биле масакрирани на северот од Мексико.

„Ако на Мексико му треба помош да ги исчисти овие чудовишта, САД се подготвени да ја завршат работата брзо и ефикасно“, објави Трамп на „Твитер“ сугерирајќи отворена војна против картелите.

Сепак мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор го одби тој пристап, укажувајќи дека претходните влади веќе пробале со воено решение, но немало успех.

Лопез Обрадор објави дека зборувал телефонски со Трамп и го уверил дека мексиканските институции ќе го изведат случајот пред правдата.


Нападот се случи вчера, во реон каде картелот Синаола е во крвава војна со други нарко-банди.

Според мексиканските власти, напаѓачите веројатно го помешале возилото на американските државјани со возило на ривалска нарко-банда.

Властите во Мексико веќе уапсиле едно лице кое држело како заложници две лица во камионет. Се испитува дали уапсениот е поврзан и со масакрот.

Жртвите се членови на американското мормонско семејство Ле Барон, кое формирало заедница во пограничниот регион.

Семејството патувало во три возила. Кога напаѓачите отвориле оган, некои од децата избегале. Едната од жените излегла со кренати раце за да им укаже на напаѓачите дека се невооружени, но била ладнокрвно застрелана.

Од истреланите куршуми, едното од возилата се запалило. Во него изгореле жена и четири деца, вклучувајќи и осуммесечни близнаци.

Некои од децата од трите возила успеале да избегаат и да се скријат и покрај здобиените рани. Подоцна биле пронајдени од мексиканските власти.

Мексико вели дека нападот е веројатно поради грешка, но членовите на семејството тврдат дека напаѓачите знаеле за кого се работи.

Мормонското семејство Ле Барон со години е во судир со нарко-бандите. Еден член од семејството бил убиен во 2009 година од бандите, а цел на напади биле и други членови од истото семејство.