„Ова е наша земја. Не планираме да му ја подариме господинот Путин“...
„Ако треба да се бориме, ќе се бориме“...
Ова се категоричните ставови на Володимир Самојленко и Олександр Урбанович, Украинци кои повеќе години живеат во Скопје.
Your browser doesn’t support HTML5
Со нив разговаравме за случувањата меѓу Украина и Русија. Велат дека Украинците немаат друг избор, освен да си ја бранат земјата.
„Ние ја имаме нашата војска, ние го имаме нашиот украински дух. Ќе ја браниме нашата земја, затоа што нема каде да одиме“, истакнува Володимир Самојленко.
„Според, сè изгледа дека не му одговара на Путин ние да бидеме самостојни, да одиме по европскиот пат. Сака со уцени и со оружје да нè држи до него. Но, народот не сака“, додава Олександр Урбанович.
Во Украина немаме етнички конфликт, немаме религиозен конфликт. Имаме конфликт што ни е донесен од Русија. Русија се обидува да ја уништи УкраинаВолодимир Самојленко
Самојленко денес е во пензија. На Балканот пристигнал како миротворец на Обединетите нации во времето на војните во некогашна Југославија. Вели дека тоа што сега се случува со Украина е различно од распадот на СФРЈ.
„Во Украина немаме етнички конфликт, немаме религиозен конфликт. Имаме конфликт што ни е донесен од Русија. Русија се обидува да ја уништи Украина“, смета Самојленко.
Урбанович е претседател на украинското здружение „Лесја Украинка“ во Скопје, како и претставник на Украинската стопанска комора. Неприфатливо му е што надворешна сила посегнува по неговата земја.
„Многу сум разочаран што во 21 век сме присилени да се бориме со некоја сила, да докажуваме дека ние треба да бидеме самостојни. Сакаме да сме самостојни. За да го докажеме тоа, треба нашите војници да гинат, за да ја одбранат територијата на Украина“, вели Урбанович.
Сакаат светот да знае за ситуацијата во која се наоѓаат, но не бараат други да војуваат за нив.
„Нам не ни е потребно да дојдат македонски војници, од НАТО, од други земји, да војуваат за нашата слобода. Но, ако има можност да ни помогнат со оружје, да. Тоа би било многу убаво“, посочува Самојленко.
Бараат и решителни чекори од земјите што имаат моќ.
„Да се воведат јасни, конкретни санкции за Русија и Русија да ги почувствува. Штом тие санкции ќе бидат почувствувани во Русија, таа ќе почне да размислува економски. Тој пат на окупирање нема да биде исплатлив. И, да ги ослободи териториите“, смета Урбанович.
Правдата е на страната на Украина, а на руските граѓани им посакувам што побрзо да се ослободат од тиранијата на Путин.Олександр Урбанович
Стравуваат дека сегашните настани ќе предизвикаат многу жртви и длабока омраза меѓу луѓето од двете земји. Посакуваат ситуацијата да се реши што поскоро и без последици за украинскиот народ и држава. Но имаат пораки и за руските граѓани.
„Луѓето во Русија треба да размислат дали им е потребна или не, туѓа земја. Дали си ги имаат средено сите проблеми дома, или не“, порачува поранешниот миротворец, Самојленко.
Неговиот помлад сонародник, Урбанович, додава: „Успехот и силата се во правдата, а правдата е на страната на Украина. На руските граѓани им посакувам што побрзо да се ослободат од тиранијата на Путин, да добијат демократија и да водат убав живот“.