Единствената телевизија во рурална средина во Северна Македонија се наоѓа во струшкото село Лабуништа. Во некогашната општина денес има околу 9.000 жители, но телевизијата покрива пошироко подрачје во регионот на Струга и струшко. Формирана е пред 24 години, во 1995 година, откако претходно започнува со работа радио Спектра, кое денес не постои.
Your browser doesn’t support HTML5
Главниот и одговорен уредик и воедно директор на медиумот, Демиш Кариманоски вели дека е тешко да се опстојува во ваква средина, но оти желбата и ентузијазмот за работа се посилни од сè.
„Првите години работевме доста успешно бидејќи имаше помал број и на национални и на регионални телевизии. Со текот на времето имаше подеми и падови во работата, имаше и време кога во телевизија Спектра беа вработени и до 12 луѓе“, вели Кариманоски.
Во моментот телевизијата има петмина вработени на различни позиции.
„Факт е дека со развој на интернетот и социјалните мрежи, голем број од компаниите се одлучуваат да се рекламираат на социјалните медиуми и затоа во последните години потешко е опстојувањето. Тешката економска ситуација во државата се чувствува и во медиумите“, истакнува Кариманоски.
Емитуваат 18 часови програма, а покрај информативен дел кој се емитува од специјално студио за таа намена имаат и забавни, документарни и филмски содржини.
„Јас веќе десет години работам во телевизија Спектра. Технологијата која се користеше претходно пред десет години беше многу покомплицирана и потешка за работа, но последните неколку години технологијата оди понапред и ние ја следиме технологијата“, вели Омер Салоски, вработен во медиумот.
Но, плановите на телевизијата не се само да се бори за опстанок. Овие луѓе велат дека гледаат напред во иднината и оти нивна цел е телевизија Спектра да прерасне во регионален медиум, а нејзиното седиште да го преселат во Струга, поради поголемите можности и поголемиот пазар.
„Од она што досега го постигнавме ние секако дека не сме задоволни. Се трудиме и имаме желба уште долго да работиме“, вели главниот уредник Кариманоски.