Дали се безбедни играчките за деца на македонскиот пазар?

Your browser doesn’t support HTML5

Државата вели дека само четири отсто од играчките не одговараат на законските прописи. Експертите, пак, тврдат дека тој број е далеку поголем

И додека македонската влада најавува вонредна масовна контрола на сите детски играчки што се продаваат во земјава, организациите што се занимаваат со оваа проблематика алармираат дека на домашниот пазар има играчки што во многу држави се забранети.

Наташа Доковска, координатор на проектот „Хемиски безбедни играчки по здравјето на децата“, вели дека играчките кои излегуваат на светскиот пазар ги има и кај нас, но не во нивната оригинална верзија. Тоа, како што вели, се лажни примероци, кои на нелегален начин стигнуваат во земјава.


„Следејќи ја листата ‘Рапекс’ и гледајќи кои играчки се забранети на европскиот пазар, можеме да констатираме дека најголем дел од тие играчки или налик на тие, се наоѓаат кај нас, а доаѓаат од несертифицирани и нелиценцирани фабрики“, вели Докоска.

Листата „Рапекс“, е листа на ЕУ, каде еднаш неделно се објавуваат непрехранбени производи, кај кои се пронајдени одредени недостатоци и кои поради тоа се отповикани од пазарот.

Нема продавница во Македонија, каде ја нема играчката ‘слајм’. Тоа е таа растеглива и гумена супстанца што децата ја земаат и играат. Но нема деца кои немаат негативен ефект од таа играчка. Секаде во светот се вели дека таа играчка мора да се забрани
Наташа Докоска


Затоа родителите, вели Докоска, треба да бидат вниматлени што купуваат.

„Нема продавница во Македонија, каде ја нема играчката ‘слајм’. Тоа е таа растеглива и гумена супстанца што децата ја земаат и играат. Но нема деца кои немаат негативен ефект од таа играчка. Секаде во светот се вели дека таа играчка мора да се забрани“, категорична е Докоска.

Сопствениците на продавници каде има производи за најмладите велат дека водат грижа што и како продаваат.

„Гледаме најмногу од сè, да не бидат штетни за децата.Кога увезуваме роба ние во секоја граница има инспекторат кој зема мостри од играчките кои ги увезуваме, и кои ги носат во институт во Скопје“, вели Ваит Ракипи, сопственик на продавница за детски играчки.

Докоска додава дека небезбедни се сите оние играчки што се без соодветна декларација за нивниот квалитет и хемиски состав.


„За да се олесни читањето на тие декларации, предлагаме да имаме достапна он лајн апликација, каде само со паметен телефон го поминуваме бар кодот и преку бар кодот да излезат сите податоци и целиот состав на играчката“, истакнува Докоска.

Во првиот квартал од 2019 година, Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршил 58 инспекциски надзори во промет со детски играчки и редовно мострирање на секој втор увоз на детски играчки од Кина и Тајланд и секој четврт увоз од ЕУ.

„Од анализите на земените мостри на детски играчки четири проценти не одговараат на законските прописи за безбедност на детски играчки. По истите се постапува по Правилник за безбедност на детски играчки и Закон за безбедност на производи“, се вели во соопштение од Министерство за здравство.

Наспроти ова, Докоска вели дека според нивните анализи, бројката на вакви играчки во земјава е далеку повеќе од пет проценти.