Почна нападот врз последното упориште на ИСИЛ

Воздушните напади се во придружба на артилерија, а првична цел е околината на сириското село Багуз, кое сè уште е под контрола на ИСИЛ

Коалициски авиони денеска почнаа нови воздушни напади врз последната енклава на Исламистичката држава откако заглавија обидите за евакуација на цивилите.

Нападите се во придружба на артилерија, а првична цел е околината на сириското село Багуз, кое е последна територија под владение на ИСИЛ. Акцијата доаѓа еден ден откако околу 2.000 цивили беа евакуирани од областа.

Со операцијата им се овозможи на стотици цивили да избегаат пеш од енклавата на исламистите. Сириските демократски сили, кои се поддржани од САД, соопштија дека имало и апсења на припадници на ИСИЛ.

Се верува дека во исламистичкото упориште се наоѓаат стотици припадници на терористичката организација. Сепак, според воени извори, припадниците на ИСИЛ се соочуваат со недостаток од муниција и лекови. Очекувањата на коалицијата и на демократските сириски сили се дека ќе бидат потребни неколку дена пред да се напредува во селото.