Еко-туризам на Шарпланина: Потенцијалот неограничен, развојот сè уште во зародиш

Со својот биодиверзитет и широки пространства, Шарпланина има голем потенцијал за развој на еко-туризмот. Сепак, работите сè уште бавно се одвиваат. Бројот на луѓето што го увиделе тој потенцијал, уште е мал. Бевме во посета на една био-фарма на планината.

И еден коњ да има човек, ќе може да го употреби за да привлече туристи. Така размислува Демир Сефери, сопственик на фамилијарна био-фарма на Шарпланина. Наше природно богатство со голем потенцијал, но со недоволно развиен еко-туризам.

„Ние нудиме сè што самите произведуваме“, вели Сефери.

Your browser doesn’t support HTML5

Еко-туризам на Шарпланина: Потенцијалот неограничен, а развојот сè уште во зародиш


Семестена среде среде шума, био-фармата е мал еко-систем. Храната се произведува од стоката и живината што таму се одгледува, од плодовите од нивите, но и од тоа што селаните ќе го донесат од планината.

Ако државата нуди надвор дека има нешто овде, тогаш и ние ќе имаме и државата ќе има. Туристите ќе доаѓаат
Демир Сефери, Био-фарма „Забели“


„Откупувам од селаните боровинки, билки, чаеви, за туристите. И производите од петстотините овци и крави што ги имаме. Правиме бело сирење, биено сирење, а правиме и еден вид италијанско сирење што сме го правеле во Хрватска“, објаснува Сефери.

После долго време работење во странство, Сефери пред дваесетина години се решил да се врати и да создаде основни услови за привлекување гости.


„Прво го направив патот. Купив багер еден. Го платив 15.000 евра. Ни требаше и за други работи и го направивме патот“, додава стариот претприемач.
На фармата има и автентично етно ресторанче, со огниште и со маси во куќата и низ дворот. Секој од фамилијата има своја улога во малиот еко-бизнис.

„Главниот готвач се двете снаи. Тие работат внатре. Двајца сина и децата кои веќе нараснаа. Тие послужуваат“, вели Сефери.

Стариот фармер укажува дека прогласување на Шарпланина за национален парк е клучно за развој на тамошниот туризам во текот на целата година.


„Ако државата нуди надвор дека има нешто овде, тогаш и ние ќе имаме и државата ќе има. Туристите ќе доаѓаат. Се плашат луѓето да доаѓаат. Им изгледа како да е див свет“, смета искусниот фармер.

Тоа би значело и враќање на печалбарите во напуштените села.

„Ваква природа тешко ќе се најде низ Европа или на некое друго место. Тие кога ќе дојдат овде ќе има и за државата и за населението и за сите“, укажува Сефери.

Еко-туризмот е во подем низ светот. Шарпланина со својот биодиверзитет и бескрајни пространства е речиси неограничен потенцијал. Но, има уште многу да се сработи.