Ниту сме поддржувале, ниту сме штителе ниту сме овозможувале криминал, рече денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска околу случајот „Рекет“.
Таа потенцираше дека секој инволвиран ќе одговара, нема политичка заштита и законот важи и ќе важи за сите. Шеќеринска кажа дека Обвинителството има полна поддршка и од нив се очекува брзо и темелно да ја завршат истрагата.
Околу барањето на претседателот Стево Пендаровски за политичка одговорност, вицепремиерката смета дека Владата не е единствена што има политичка одговорност и дека секој кој бил вмешан и овозможил да дојде до ваков криминал ќе сноси одговорност бидејќи граѓаните, очекуваат и политичка и кривична одговорност на инволвираните.
Засега нови детали околу истрагата за случајот „Рекет“ нема. Обвинителството соопшти дека продолжува финансиската истрага како и вештачењето и дешифрирањето на одземените телефони и компјутери. Оттаму не соопштија дали, кога и во кое својство шефот на СЈО, Катица Јанева ќе биде повикана на распит.