Убиен еден ученик, осуммина ранети во пукање во училиште во САД

Пукањето се случило во училиште јужно од Денвер. Уапсени се двајца ученици, осомничени за нападот

Еден ученик бил убиен, а осуммина се ранети вчера во пукање во средно училиште во сојузната држава Колорадо, во САД. Напаѓачи биле двајца ученици, кои биле вооружени со пиштоли и друг вид оружје.

Пукањето се случило во два одделни сектори на училиштето, кое се наоѓа јужно од Денвер. Полицијата пристигнала на местото неколку минути после дојавата за нападот.

Дошло до пресметка со напаѓачите, при што двајцата биле совладани и уапсени. Еден од осомничените ученици е на возраст од 18 години, а вториот е малолетник. Според локалните власти, за ниту еден од учениците нема полициско досие.

Како што изјавиле родителите, децата се криеле под масите, додека траело пукањето.

Од Белата куќа изразија сочувство за загубениот живот и за траумата со која се соочиле учениците и нивните блиски. Воедно упатена е порака до локалните власти да спроведат детална истрага за причините за овој напад.

Училиштето се наоѓа на десетина километри од средното училиште Колумбајн, каде во 1999 година двајца ученици убија 13 лица.