Шар Планина, природна гордост сардисана од депонии и дивоградби

Диви депонии, нелегални градби и сеча на шумите се децениска болна страна на Шар Планина. Според познавачите, ред на оваа стихија би се воспоставил со нејзиното прогласување за Национален парк. Сепак, тамошните прекрасни пејзажи и натаму се неодоливи

Со потоците од снегот што се топи, со погледот што остава без здив, со биодиверзитетот, Шар Планина сосема оправдано се смета за незаменливо природно богатство.

Но, планината денес е изложена на дивоградби, нелегална сеча и бројни диви депонии што една по една се формираат низ планинскиот масив.

Your browser doesn’t support HTML5

Шарпланина, природна гордост сардисана од депонии и дивоградби


„Диви депонии. Бевме и сведоци на една по пат. Такви, за жал, има многу низ цела територија на Шар Планина, по цела должина. Комуналниот отпад, отпадните води, има потреба да се среди сето тоа, зашто целото тоа ѓубре завршува на Шарпланина“, вели Анела Ставревска-Панајотова, Експертка за шуми од „Натура МК“.

Комуналниот отпад, отпадните води, има потреба да се среди сето тоа, зашто целото тоа ѓубре завршува на Шарпланина
Анела Ставревска-Панајотова, Експертка за шуми - Натура МК


Според познавачите, спас од оваа стихија е нејзиното прогласување за национален парк. Тоа носи одредени правила и за локалното население.

„Ограничувања коишто драстично ќе им го променат начинот на живеење ќе нема. Меѓутоа, ќе треба да се навикнат дека не ќе може секој, во секој момент да гради каде што ќе му текне“, истакнува Фросина Пандурска Драмикјанин, од НВО платформата „Пријатели на Шара“.


Во предвидените заштитени зони денес постојат дивоградби, кои се во процес на легализација. Сепак, надлежните убедуваат дека тоа повеќе нема да се случува.

„Во иднина, со самото прогласување за заштитено подрачје на Шарпланина, нашата намера е да бидат забранети и прекинати сите нелегални градби низ целиот масив на Шара“, нагласува Хисен Џемаили, Директор на Управа за животна средина.


Според најавите од надлежните, дел од начините за заштита на планината е одредување и посебни такси за тие што таму водат бизниси. Голема е веројатноста е да се воведат и влезници за посетителите.

„Не зборуваме за големи суми, туку за нешто симболично, нешто како солидарна контрибуција од самите граѓани. Ова ни припаѓа на сите нам и за да се менаџира би требало се покаже индивидуална одговорност“, најави Насер Нуредини, министер за животна средина.

Друг бенефит е развој и на инфраструктурата, на електричната мрежа, чистење на патиштата, како и менаџирање со отпадот
Даниел Богнер, Eксперт за заштита на природни подрачја


Искуствата од европските земји покажуваат дека грижата за националните паркови, отвора врата за туризмот и за развој на локалната заедница.

„Развој на еко-туризмот. Понудата на локални продукти од локалното население, ќе привлече гости и од странство. Друг бенефит е развој и на инфраструктурата, на електричната мрежа, чистење на патиштата, како и менаџирање со отпадот“, смета Даниел Богнер, експерт за заштита на природни подрачја.


Македонскиот дел од Шар Планина во мапата за заштита има околу 62.700 хектари. Заедно со деловите во Косово и Албанија, површината достигнува околу 240.000 хектари. Тоа го прави овој планински масив еден од најголемите прекугранични природни подрачја во Европа. Неговата заштита е неопходна.