Епизода: Сирија
Светски ден на бегалците – 20 Јуни, сонцето пече уште рано наутро. За во текот на денот беа најавени температури и од над 38 степени Целзиусови. И утрото, зраците се одбиваат од металот во Привремениот транспортен центар „Винојуг“ покрај Гевгелија. Според договорот од претходниот ден, уште пред 8 часот изутрина, внимателно чукам на вратата на металниот контејнер, привремениот дом на семејството Ал Ахмад од Сирија.
Таткото Адам, адвокат за кривично право, полиглот, бегалец и кафеанџија во Турција, ни ја отвора вратата и веднаш се враќа во „постелата“ - душекот на подот. Го снимаме неговото „будење“ и станување и додека објективот се фиксира на детето кое спие, мајката, сепната, ја прекрива главата со шамија. Уште нерасонета, сепак, не сака да биде снимена.
Како и секое од претходните 30 утра во Центарот, Адам заминува во заедничкиот тоалет, во кој, токму ова утро, нема вода. Заминува во другиот тоалет, по патеката, на и покрај која, во кадар ни „влегуваат“ муви, парчиња облека и распарени обувки, како и дел од десетиците домашни кучиња кои во Центарот живеат од кантите за отпадоци.
Враќајќи се, Адам повторно „влегува“ во кадар и полека чекори кон „својата“ метална барака. И седнува да зборува „за телевизија“, првиот од неколкуте пати во текот на денот.
На последното „интервју“, доцна попладнето, патем ни го преведе од арапски графитот зад него - дека се работи за потпис на некој негов сопаталец кој бил во кампот пред три години.
Your browser doesn’t support HTML5
Во „завршниот збор“ Адам им се обрати на бегалците и на властите на државите кои ги примаат бегалците за време на трансферот или како идни свои граѓани: „Сакам да кажам нешто за сите, за работите за кои јас стекнав многу искуство во последниве години. Сакам да испратам порака на сите низ светот, на сите бегалци и на сите држави кои ни помогнаа и на оние кои немаа потреба да ни помогнат. Ние сме човечки суштества, ние имамме минато и иднина, ние имаме свои семејства, размислуваме за многу работи. Неопходна ни е помош, оти сега сме слаби. Загубивме многу нешта во животот, но научивме многу нови нешта. Зашто, кога ќе загубиш нешто, учиш и нешто ново. Кога ја менуваш државата, ја менуваш и сопствената судбина. Но, ако си способен да се исправиш, да застанеш, можеш да ги употребиш новите сознанија, новите искуства“.
„Од државите кои примаат бегалци, бараме само да не прифатат како човечки суштества. И ние сме луѓе. Со свои проблеми, ама имаме сништа, и многу други работи кои ги споделуваме со другите човечки суштества“, порача Адам, нашиот домаќин во Центарот „Винојуг“., посакувајќи ни сè најубаво, и за нас, и за нашите семејства, и за нашите држави.
Заминувавме додека летниот дожд полека се мачеше да ја намали спарината.
Епизода: Пакистан
Првиот ден од нашата посета, волонтерите во кампот ни го посочија како можен соговорник. Рахиб од Пакистан. Најверојатно. Презиме: Али. Најверојатно. Иако не знаел англиски, ситуацијата во која бил, можела да биде медиумски многу провокативна, но доколку најдеме некој кој може да ни го преведе неговиот исказ.
Утрото, на Светскиот ден на бегалците, кампот „Винојуг“ наликува на кулиси од некој „филмски град“.
Претставниците на меѓународните организации ни објаснија дека за да га избегнат жештините, неколкуте десетици бегалци и мигранти, обично доцна стануваат и излегуваат од контејнерите. Не сакаме да им ја нарушуваме приватноста. Чекаме.
Одеднаш од контејнерот што ни го посочија волонтерите, излегува млад маж. Официјално, негово второ утро во Центарот. Полека се движи кон нас и нерасонет, седнува на соседната клупа. Како целиот свет да му е врз плеќите. Внимателно, тивко му се обраќам, полека одговара дека не разбира англиски. Потоа, повторно замислен, седи осамен на клупата, Сонцето пече.
Your browser doesn’t support HTML5
Не знам што го наведе да се прекрши, и да пријде, одеднаш од занесеноста во сопственигте мисли, да стане и да се согласи да зборува во камера. Ниту јас, ниту некој од два-тројцата бегалци кои во меѓувреме поминаа по патеката, не го зборувавме неговиот јазик. Ниту еден од педесеттината јазици што се зборуваат во неговата земја. Претпоставив дека сепак, маката го натера да се намачи и на оние неколку зборови анлиски кои ги употребува, да се обиде да ни ја раскаже својата судбина, патешествието по пругите, средбата со полицијата, обидот за бегство, несреќата на брат му кој тешко ја повредил главата во обид за скок од пругата.
Налутено раскажува дека не знае што да им одговори на родителите кои се јавиле од Пакистан, дека сака веднаш да го види брат му во болницата во која е сместен, а не му дозволуваат. По неколку пати го повторува името на брат му, потеклото, своето име. Прашува зошто на сите негови прашања, во Центарот му одговараат само со: „Утре, утре, утре“. Му ветувам дека ќе се распрашам и за неговиот статус и за состојбата на повредениот брат. Иако не ме разбра ни збор, имаше нешто во очите, во насолзениот поглед. Надеж? Бес?