Редок феномен се случи викендов во битолското село Лажец – се роди двоглаво теле. Младенчето засега е живо и се однесува нормално, согласно состојбата во која се наоѓа.
Телето, како што може да се види и од видеата што беа доставени до редакцијата на Гласот на Америка, има споени черепи, два пара очи, две усти, две уши. Дише регуларно, цица млеко и полека се исправува на нозе.
Your browser doesn’t support HTML5
Телето се родило во петокот вечерта, на 16 април, во одгледувалиштето на фармата „Натали 2005“, а на свет дошло живо со помош на ветеринарите од амбулантата „Филипов“ од селото Кравари.
Ветеринарите велат дека овие случаи се ретки, но сепак додаваат дека не се големи ниту шансите за преживување на младенчињата со вакви аномалии.
„Изненадувачки е што телето почна да се однесува како и секое друго младенче, односно цица млеко и инстинктивно ја препознава храната. Функционира со еден мозок, а двете усти водат кон ист хранопроводник. Кога цица млеко со едната уста, истото движење го изведува и другата уста. Командата за нивно функционирање доаѓа од ист нервен центар“, објаснува докторот по ветеринарна медицина Сашо Ѓорѓиевски од амбулантата „Филипов“ во изјава за Гласот на Америка.
Функционира со еден мозок, а двете усти водат кон ист хранопроводник. Кога цица млеко со едната уста, истото движење го изведува и другата уста
Сепак, како што додава Ѓорѓиевски, шансите за негово преживување не се големи.
„Како што ќе расте неговите потреби ќе се менуваат и прашање ќе биде колку време ќе преживее. Сепак, уште ништо не се знае. Се надеваме дека ќе живее подолго“, додава ветеринарниот доктор Ѓорѓиевски.
Во светот се регистрирани неколку случаи на младенчиња крави родени со две глави, односно две лица. Еден од таквите случаи е телето Лаки, кое во 2016 година се роди на фарма во Кентаки, САД. Тоа живееше 108 дена.