Десетици километри шума уништени во Малешевијата, пожарите продолжуваат

Според состојбата на теренот, во малешевско-пијанечкиот крај е опфатена вкупна површина на активни и изгаснати пожари со периметар од околу 40 километри

Можеби десет илјади хектари се уништени, ни објаснија пожарникарите од делчевската територијална противпожарна единица додека ги придружувавме на обиколката што ја правеа над месноста Свети води, во близина на селата Тработивиште и Нов Иственик.

Таму најкритично беше во петокот вечерта и во саботата претпладне, по што огнот беше ставен под контрола. Сепак, денеска, недела, се појавија и нови жаришта што засега се ставени под контрола.

Пеплосана шума - последици од пожарите во делчевскиот регион


Според состојбата на теренот, во малешевско-пијанечкиот крај е опфатена вкупна површина на активни и изгаснати пожари со периметар од околу 40 километри. Опожарениот дел почнува од делчевските села Тработивиште и Нов Иственик, по што продолжува кон селата Црник, Чифлик, Умлена, Робово, Будинарци, Разловци.

Како што јавија денеска од Центарот за управување со кризи, пожарот и натаму гори над атарот на селото Будинарци, на непристапен терен и се придвижува кон селата Разловци и Митрашинци. Австриските противпожарни единици се стационирани над селото Будинарци.

Your browser doesn’t support HTML5

Битка за секоја педа шума: Одблизу со огнот во Малешевијата


Огнени жаришта има и на други региони низ земјата. Кај селото Драгоево во Општина Штип и кај селото во Светиниколско. Пожар има и на Караџица, над селата Раовиќ и Буковиќ и според јавувањето од ЦУК, тој не претставувал опасност за населението. Гори и во катлановскиот регион, кај селата Дивље и Крушје. Таму е интервенирано од воздух во повеќе наврати.

Во Прилепско, пак, активни се пожари во атарите на селата Дрен и Смолане, а се реактивирал и пожарот кај селото Топлица покрај магистралниот пат Прилеп-Градско.


Од странската помош, најбројна е австриската единица, која брои повеќе од 100 луѓе, со возила и опрема. Тимот од Австрија и своја база каде и преку сателитски снимки се врши координација за дејствувањето против огнот.


На терен се активни и словенечките пожарникари. Како што ни објаснија во кусиот разговор со нив, доаѓаат од неколку градови од западните краишта на Словенија, каде конфигурацијата на теренот е слична со планинскиот предел во малешевијата.