Охридското Езеро - значаен извор за вода за пиење во иднина

Your browser doesn’t support HTML5

Експерти сметаат дека Езерото може да претставува важен ресурс за вода за Охрид, Струга, но и за поширокиот регион на Европа

Рестрикциите на вода за граѓаните на Струга стануваат секојдневие. Поради долгиот сушен период и намалените количества во изворите од каде градот се снабдува со вода за пиење, неколку месеци на сила беше оваа непопуларна мерка. Поради пресушување на локалните извори, жителите на некои од населените места самите бараа начини како да стигнат до нови извори.

Во селото Богојци кај Струга, месното население со помош на сопствена механизација работеа на овој проблем.


„Летово кај нас во селото пресушија целосно три извори. Поради тоа бевме принудени сами да бараме нови извори на вода. Од кажувања на постарите, каде што имало вода и од гледање со очи без никаква техника, успеавме на крајот да најдеме вода и мислиме дека го решивме проблемот“, вели Шериет Арслани, жител на село Богојци.

Надлежните се сомневаат дека сè поголемиот недостаток на вода е резултат на климатските промени.

„Тоа е загрижувачки, но против времето не можеме ништо да се преземе. Мое мислење е дека сето ова е поради климатските промени. Големиот период на суша во општина Струга, каде околу три месеци не заврна дожд, веднаш се почувствува“, рече Јонче Докоски од Јавното претпријатие за водоснабдување „Проаква“ од Струга.

Недостатокот и потребите од повеќе вода особено во текот на летотo Охрид пак го решава со тоа што црпи вода од Охридското Езеро. Количините кои се добиваат од таму се нешто повеќе од 300 литри во секунда.

„Ја користиме пумпната станица Метропол и црпиме вода од езерото. Таа е пивка вода. Ја филтрираме и хлорираме и ја пуштаме во систем за употреба. Сето тоа нормално се контролира. Центарот за јавно здравје ја контролира и водата е пивка и овозможена за користење“, вели Светозар Стефанович, директор на Јавно претпријатие „Проаква“ од Охрид.

Директорот вели дека и во ситуација кога би пресушиле сите останати извори од каде Охрид се снабдува со вода, доволни би биле само количините на вода од Езерото.

Експертите сметаат дека во ситуација кога сè повеќе ќе недостасува вода, Охридското Езеро може да претставува најголем извор на чиста вода за пиење низ Европа.

Испитани се и подземните води кои се во Охридското Езеро и кои се со јачина од 50-60 метри кубни вода во секунда. Докажано е дека има извори со чиста вода за пиење
Ваит Ајро, Експерт за води


„Акo ја зачуваме таа вода ќе има да се продава вода и на пазарот во Европа“, вели Ваит Ајро, експерт за води.

Ајро додава дека за тој факт говорат повеќе научни трудови.

„Последните беа на група Италијанци кои докажаа дека таа вода ќе претставува ресурс за идните години, кога сигурно ќе се намали количеството на вода за пиење во регионот и пошироко. Тука ќе има доволно вода и во тоа време и во тој период. Останува како ќе се искористи. Испитани се и подземните води кои се во Охридското Езеро и кои се со јачина од 50-60 метри кубни вода во секунда. Докажано е дека има извори со чиста вода за пиење“.

Надлежните велат дека засега не е изработен проект за искористување на водата од Езерото како ресурс за пиење во некои пошироки рамки, иако велат дека е време тоа сега да се направи.