Покренувањето обвинение против претседателот Доналд Трамп за попречување на правдата не било опција. Ова го истакна специјалниот советник Роберт Мулер, кој водеше 22 месечна истрага за руската вмешаност во претседателските избори во САД и за евентуалната опструкција на правдата од страна на Трамп.
Мулер истакна дека работеле по инструкции од Одделот за правда од каде било наведено дека неговата канцеларија не би требало да ја разгледува опцијата за обвинување на претседателот.
Специјалниот советник во своето прво обраќање пред медиумите после финиширањето на истрагата рече дека не би било фер некого да обвини за потенцијално кривично дело, кога е можно да нема судска одлука за истото обвинение.
Сепак, Мулер нагласи дека, доколку биле убедени дека претседателот не извршил кривично дело, ќе го кажеле тоа.
Специјалниот советник воедно најави и дека ќе го напушти Одделот за правда и ќе се посвети на приватниот живот. Мулер беше партнер во правна фирма во Вашингтон, пред да биде назначен за специјален советник во истрагата за руското мешање во изборите во 2016 година.
Мулер истрагата ја заврши со доверлив извештај од 448 страници, а во кој како заклучок стои дека не биле пронајдени докази за криминален заговор и поврзаност на претседателската кампања на Трамп со Москва.