Бизнисмени и експерти со различни очекувања: Што може „мал Шенген“ да донесе за регионот?

Your browser doesn’t support HTML5

За некои од економските експерти, тоа е уште една од многуте иницијативи за унапредување на соработката во регионот кои што не даваат позначајни резултати

Иницијативата „мал шенген“ во македонската експертска јавност предизвика различни видувања. Дел од бизнисмените се на мислење дека тоа ќе донесе позитивен бенефит за бизнис секторот. За некои од економските експерти, пак, ова е уште една од многуте иницијативи за унапредување на соработката во регионот кои што не даваат позначајни резултати.

Koлоните камиони се секојдневие за граничните премини помеѓу земјите во регионот. Бизнисмените се жалат дека чекаат и по неколку денови за да ги поминат премините, но оти многу од производите пред се оние кои се лесно расипливи не трпат такво нешто.

„Ние товараме сега свежо месо од Холандија. Го товараме месото во петок. Камионот во сабота попладне е на границата во Табановце и верувале или не чека до понеделник за да може да се царини. За еден и пол ден доаѓа од Холандија до тука, поминува 2.400 километри, а за 200 километри треба да чека царински, гранични, фитосанитарни и ветеринарни прегледи и контроли, два и пол дена. Тоа мора да се промени“, смета бизнисменот Мевмед Џемаилоски.

Токму инцијативата „мал Шенген“ , за која неодамна во Охрид разговараа лидерите на земјите од Западен Балкан, предвидува слободен проток на луѓе, стоки и капитал, заеднички царински и фитосанитарни контроли, односно отстранување на сите бариери и препреки.

Истата во јавноста предизвика различни реакции. Џемаилоски гледа надеж во ваквата идеја, од која смета дека корист ќе имаа сите.

Но, други не се согласуваат со него. Универзитетската професорка, Јованка Дамоска Секулоска вели дека кон ваквите иницијативи, треба да се биде внимателен. Пред да се пристапи кон неа треба, како што вели, да се работи на намалување на корупцијата и реформи на институциите, кои треба да обезбедат слободен проток на капитал и луѓе.

Веќе имаме конкретна зона на слободна трговија, која доколку имаме искрени намери земјите од регионот, треба да овозможат продлабочување на соработката во рамките на ЦЕФТА од 2006 година
Јованка Дамоска Секулоска, професорка по економија


„На пример земјите од Вишеградската група, која што се спомнува како пример за оваа иницијатива, на патот кон ЕУ, ја формираа зоната за слободна трговија ЦЕФТА во 1992 година. Значи ние веќе имаме конкретна зона на слободна трговија, која доколку имаме искрени намери земјите од регионот, треба да овозможат продлабочување на соработката во рамките на ЦЕФТА од 2006 година“, вели професорката по економија, Јованка Дамоска Секулоска.

Професорот, Анастас Џуровски, пак, смета дека иницијативата е многу повеќе поврзана со политика и дипломатија отколку со економија.

„Очигледно е дека според тајмингот во кој доаѓа ваквата иницијатива е повеќе поврзана со потребата на Србија да покаже кооперативност во регионот и на Албанија која треба да отвори членство со ЕУ и затоа таа прифати без Косово да присуствува на една ваква трилатерална средба на која се дискутираат сериозни прашања за иднината на регионот. Исто така и Македонија има потреба да покаже добрососедство“, вели Џуровски.

Џуровски истакнува дека идејата за Шенген, регионот ќе го оствари, но во рамките на ЕУ.

Покрај Северна Македонија, Србија и Албанија, покана да пристапат имаат и Црна Гора и Босна и Херцеговина. Лидерите сметаат дека не станува збор за создавање на нова Југославија, туку за Балкан на 21 век.