Измислуваме приказни и ведри содржини, за да им го оттргнеме вниманието на децата од ужасот што се случува околу нас. За нив оваа војна е невидена траума.
Така, ни раскажа Олена Луцко од Киев, која со семејството нашла засолниште во близина на Лавов, западна Украина.
Your browser doesn’t support HTML5
„Ова е страшно. Не би сакала ниту едно дете во светот да го доживува ова. Нашата ќерка почнува да плаче веднаш штом ќе ги чуе сирените и експлозиите“, вели Луцко.
Училиштата низ земјата не работат, и стотици илјади деца се веќе или бегалци, или, пак живеат во засолништа со своите родители.
„Многу деца преноќуваат во метро или во засолништа. Не е безбедно да останат во своите домови“, додава.
Во реонот на Лавов засега е релативно мирно. Но, тоа не важи за Чернихив, родниот град на нашата соговорничка. Тој се наоѓа близу границата со Белорусија.
„Наши роднини во Чернихив денеска воопшто немаа можност да излезат од засолништето. Цел ден имаше бомбардирања“.
Вели дека веќе има десетици загинати во тој реон.
„За последните два дена, официјалните бројки беа дека има 50 загинати цивили таму. Но, не може да се излезе да се пребројат загинатите. Бројот на жртвите од овие руски бомбардирања ќе биде многу поголем“
Кога ќе излезат од засолниште, луѓето гледаат дека веќе немаат ниту куќа, ниту зграда, ниту место каде можат да живеат
Како што ни објасни, во градовите што се изложени на напади животот веќе речиси не функционира.
„Сега нема вода, нема струја, нема храна. Некои од луѓето што можат да излезат од засолништето, гледаат дека веќе немаат ниту куќа, ниту зграда, ниту место каде можат да живеат“.
Како и повеќето нејзини сограѓани, го повикува светот да ѝ помогне на Украина.
„Ова не е само наш проблем, не е само наша војна. Ако ние овде не успееме да го запреме Путин, следни ќе бидат другите европски земји. Бараме поддршка од целиот свет. Поддршка политичка, дипломатска, воена поддршка. Поддршка од обичните луѓе“.
Додека живеевме во Македонија, имав прилика да видам колку пари Русија троши во Македонија. Но, тие пари одат за пропаганда.
Луцко живеела пет години во Македонија со својот сопруг. До македонските граѓани упатува порака, да бидат внимателни од руска пропаганда.
„Додека живеевме во Македонија, имав прилика да видам колку пари Русија троши во Македонија. Но, тие пари одат за пропаганда. Јас би сакала, да ви укажам вам, на Македонците, имајте страв од руските пари, бегајте од руските пари, бегајте од рускиот свет. Русија не носи нешто добро“.
Поради нападите од Русија, десетици илјади лица дневно ја напуштаат Украина. Според УНХЦР бројката на бегалците, надмина милион и пол луѓе и сè уште расте.