Премиерот жали што неговото интервју за бугарски медиум во кое зборува за историјата предизвикало огромно незадоволство кај јавноста. Заев, денеска во обид да го амортизира негативниот импакт од неговиот настап, порача дека на антифашизмот почива македонската државност, но и дека „е неприфатливо давањето етнички карактеристики на фашизмот било тоа во бугарски или кој било друг контекст“.
И двата народа, и Македонците и Бугарите, треба да се соочиме со тие прашања од историјата и да развиеме и одржиме капацитет за разбирање и за простување. Европските народи се договорија да не заборават, но да си простат. Заради иднината.Заев, премиер на Северна Македонија
„Имам обврска кон македонските граѓани да поттикнам придвижување кон решение на прашањата што се отворија со Република Бугарија и што станаа пречка за одобрување на рамката за преговори со Европската Унија. И двата народа, и Македонците и Бугарите, треба да се соочиме со тие прашања од историјата и да развиеме и одржиме капацитет за разбирање и за простување. Европските народи се договорија да не заборават, но да си простат. Заради иднината. Заради заедничката иднина во Европската Унија која е пример како во име на иднината, најдлабоките разлики и историски конфликти беа оставени во минатото. Тоа е мојата најдобра намера и таа намера постојано ќе ја застапувам додека постои и најмала шанса за решенија и за успех на нашиот процес за членство во ЕУ со старт на преговорите. Нашата државност почива на делата на антифашизмот. Нашата слобода е резултат на антифашизмот.“, изјави Зоран Заев, премиер на Северна Македонија.
Оваа порака на Заев со попрецизни и поблаги формулации во однос на вчерашната не ги задоволи опозиционерите кои сметаат дека премиерот задал удар на темелите на државноста. ВМРО-ДПМНЕ повика на обединување и заштита на националните интереси.
Со ваквата изјава Заев од Скопје од позиција на македонски премиер се откажа од антифашистичката борба од Стив Наумов, Кузман Јосифовски Питу, Методија Андонов-Ченто, Михајло Апостолски, Страшо ПинџурМисајловски, ВМРО-ДПМНЕ
„Тезата за постоење на администрација, а не окупатор преставува и газење кон жртвата на партизаните и антифашистичката основа врз која почива македонската држава. Со ваквата изјава Заев од Скопје од позиција на македонски премиер се откажа од антифашистичката борба од Стив Наумов, Кузман Јосифовски Питу, Методија Андонов-Ченто, Михајло Апостолски, Страшо Пинџур е неважно со што директно ги навредува. Ќе се обратам и до сите искрени и чесни социјалдемократи кои знам дека не се согласуваат со овие изјави на Заев, време за политичка борба има, сега е време за борба за единство со цел заштита на националните интереси на Македонија, да не му дозволиме на Заев да ги продаде темелите на државата.“, оцени Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Не стивнуваат ниту коментарите со осуда на социјалните мрежи за изјавите на премиерот од кои се оградија дел од членовите на Мешовитата македонско-бугарска историска комисија.
Денеска со став излезе и шефот на државата за кого Заев во интервјуто за бугарскиот медиум употреби формулација дека „Пендаровски не е толку искусен политичар“...
За решавање на спорови со стратешка тежина се потребни два предуслови: да постои политичка волја што понекогаш подразбира и политичка храброст да дојдете до консензус кој никогаш не ви го зголемува рејтингот, и второ – да се држите до историските факти кои се меѓународно верификуваниПендаровски, претседател на Северна Македонија
„Го погледав интервјуто на премиерот и ги прочитав реакциите во македонската јавност, и во дел од коментарите, за жал, беше присутна дилемата дали државниот врв настапува единствено во однос на ова витално национално прашање. За решавање на спорови со стратешка тежина се потребни два предуслови: да постои политичка волја што понекогаш подразбира и политичка храброст да дојдете до консензус кој никогаш не ви го зголемува рејтингот, и второ – да се држите до историските факти кои се меѓународно верификувани и до политичката реалност која е очигледна“, вели во интервју Пендаровски..
Поранешните претседатели на државата, Црвенковски и Иванов ги осудија изјавите на Заев. Црвенковски, дури побара и седница на централниот одбор на СДСМ, а до тогаш тој го замрзна своето членство во партијата, која од 2017 е на власт во земјава.