Фудбалска треска во САД и покрај бодот со Португалија

Your browser doesn’t support HTML5

Фудбалска треска во САД

Селекцијата на Јирген Клинсман ја делеа секунди од понатамошниот пласман на Светското првенство во Бразил
Во најинтересниот меч од синоќешните натпревари на Светското првенство, САД и Португалија одиграа 2:2 во рамки на групата Г.

Само секунди од петте минути судиско надополнување ги делеа САД од триумф над фаворитот. Португалија поведе со голот на Нани, но САД се вратија во игра, а потоа и поведоа благодарение на Џермејн Џонс и капитенот Клинт Демпси. Сепак, Варела во 94-тата минута го изедначи резултатот на 2:2.

Португалците со освоениот бод се` уште се во игра за пласман во натамошното натпреварување. Во Групата Г, или таканаречената „Група на смртта“, САД и Германија сега имаат по четири поени, додека Португалија и Гана имаат по еден. Во четврток, САД играат против Германија, а Португалија ќе ги одмери силите со Гана.

Претходно во групата Х, Белгија во здодевен меч ја победи Русија со 1:0 на стадионот Маракана во Рио де Жанеиро, а Алжир ја порази Јужна Кореја со 4:2.

Денеска се играат натпреварите во групите А и Б: Австралија-Шпанија, Камерун- Бразил, Холандија-Чиле и Хрватска-Мексико.