Многу жени беа во првите редови на протестите на антивладините движења на Блискиот Исток и во Северна Африка. Тие помогнаа да бидат соборени долгогодишни лидери во Тунис, Египет и Либија. Карен Шерман е извршна директорка за глобалните програми при меѓународната организација „Жени за жени“.
„Тие одиграа голема улога, од излегување на протести, преку шверцување оружје, собирање информации од меѓународни медиуми, пружање нега на повредени во протестите“, вели Шерман.
Египќанката Сара Галал била сведок на протестите во нејзината земја. Денес е дел од програмата за поддршка на жените при Претседателскиот центар на Џорџ В. Буш во Далас.
„Прекрасно беше чувството да се видат сите тие жени на улица, како пешачат, протестираат, пеат, ги предводат протестите“, истакна Галал.
Самар Елхусиени е дел од истата програма во САД. Таа вели дека останува фрустрирана и покрај промените во Египет:
„Пред револуцијата, се боревме против режимот на Мубарак и мислевме, кога ќе падне се` ќе биде во ред. Но, по револуцијата, можам да кажам, дека сум разочарана“.
Египетската политичка аналитичарка Раниа ал Малки нуди слично размислување:
„Мислам дека е полесно да смените диктатор од власт отколку да донесете промени во едно патријархално општество. За тоа треба многу повеќе време.“
И жените од Јемен учествуваа во тамошните демонстрации за смена на власта. Ашвак Ел Раби вели дека има уште работа.
„Јеменските жени треба да се борат за своите права. Нема лесно да им ги дадат.“
Карен Шерман подвлекува дека економските придобивки се важен фактор за жените да постигнат еднакви права.
Сепак, многу од оние кои зеле учество во Арапската пролет велат дека се подготвени за каков било предизвик за да бидат дел од транзицијата кон демократија во нивните матични земји.