Кон „Сведок“ на Митко Панов: „Правдата е божествен атрибут“

Your browser doesn’t support HTML5

Кон „Сведок“ на Митко Панов

Еден филм не може без лик и приказна, вели режисерот Панов

Македонскиот режисер и сценарист Митко Панов го претстави својот најнов долгометражен филм, „Сведок“, што беше и прво меѓународно претставување на Фестивалот во Торонто.

Еден филм не може без лик и приказна, вели режисерот Панов.

„Ако немаш добар лик во филмот, немаш филм. Гледачите се врзуваат за филмот, за личноста. Приказната е возилото преку која таа личност се манифестира“, коментира Панов.

Лајтмотив му е чувството на правда. Тоа е божествен атрибут, според Панов. Најмногу му значи секој позитивен коментар од гледач. „Нема поголема награда од тоа“, открива режисерот.

Која е пораката од твојот филм?

„Знаеш, што рекле за пораките. И Џон Хјустон рекол кога имам порака, праќам телеграма. Не постои порака во филмот. Во филмот постои импресија, која е доволно длабока и силна за да го наведе гледачот да размисли уште еднаш и да ги преиспита своите ставови, емотивни психолошки, когнитивни“, истакнува Панов.

За швајцарско-македонско-ирската ко-продукција со поддршка од Хрватска, вели:

„Филмот има цел да стимулира. Да те наведе да размислиш, да решиш, да донесеш сопствен суд што е ДА а што е НЕ. Тоа е филмот. Ако јас ти инсинуирам, сугерирам, дека така треба, тогаш филмот е промашен“, нагласува режисерот.

Неговиот филм во Торонто побуди интерес не само затоа што Панов важи за еден од најспецифичнните режисери, туку затоа што филмот има актуелна тема, типична за балканските простори. Во филмот се трага по генерал на ЈНА, кој треба да биде клучен сведок, против друго воено лице, што го суди Хаг. Сведокот го игра филмската легенда Бруно Ганц.