Американскиот претседател Доналд Трамп се повлече од претходното соопштение дека Белата куќа планира да ја затвори својата работна група за коронавирус за околу еден месец.
Синоќа најави дека работната група ќе продолжи со работа, но со поголем фокус на реотворање на економијата и развивање вакцина.
Бројот на смртни случаи во САД се искачи над 72.000, а претседателот објави дека работната група ќе работи на неопределено.
„Мислав дека порано ќе биде затворена, но немав идеја до синоќа дека работната група е толку популарна“, изјави Трамп.
Тој додаде дека планира да приклучи нови членови во работата група и оти фокусот ќе биде во правец на реотворање на економијата. Но, во оваа фаза од пандемијата, експертите велат дека САД треба да го приоретизира јавното здравје врз економијата.
Работната група беше формирана на крајот од јануари со мандат да ги надгледува напорите на администрацијата за контрола на ширењето на КОВИД-19.
Потпретседателот Мајк Пенс беше именуван за претседавач со групата еден месец подоцна. Реномираните доктори Ентони Фаучи и Дебра Биркс се дел од тимот.
Трамп најави дека работната група ќе го прошири фокусот и на развивање вакцина. Иако американската администрација одби да присуствува на виртуелна конференција, предводена од Европската комисија неделава, Трамп најави дека САД ќе соработуваат со други држави.
Американската фармацевтска компанија Pfizer најави дека ќе почне да доставува дози од експериментални вакцини за првичната фаза од тестирање врз луѓе во САД.