Венецуелскиот опозиционен лидер Хуан Гуаидо ја повика меѓународната заедница да ги поддржи неговиот обид да го принуди претседателот Николас Мадуро да замине од власта, во напорите да ја врати демократијата во јужно-американската нација.
Гуаидо, претседател на Националното собрание, каде мнозинството е во раце на опозиционерите, минатата недела се декларираше за преоден претседател, откако Парламентот објави заклучок дека ре-изборот на Мадуро е нелегитимен, зашто другите кандидати или ги бојкотираа изборите или беа спречени да учествуваат во трката.
САД го признаа Гуаидо за преоден лидер на Венецуела.
Во коментар во Њујорк тајмс, Гуаидо рече дека над 50 држави го признаа како преоден претседател и Националното собрание како легитимна власт во Венецуела. Го повика генералниот секретар на ОН Антонио Гутиереш за хуманитарна помош. Тој најави дека почнал процес на назначување амбасадори како и „лоцирање и враќање на националниот капитал на Венецуела, што се наоѓа во странство“.
Венецуелците излегоа по улиците на Каракас како одговор на повикот на Гуаидо за мирољубиви, двочасовни протести на пладне, со барање „да им се придружат армиските сили на страна на народот“ .
Тој понуди амнестија за војниците кои што ќе ги поддржат демонстрациите и ќе откажат лојалност на владата на социјалистот Мадуро.
Во интервју за руската новинската агенција РИА, претседателот Мадуро рече дека е подготвен за разговори со опозиционите сили и одржување рани предвремени избори за националното Собрание. Но, го отфрли барањето на Гуаидо за одржување нови претседателски избори пред 2025-та.