Сенатот утре гласа дали ќе дозволи нови сведоци во процесот за импичмент

Нејасно е дали републиканското мнозинство во Сенатот ќе го усвои барањето Демократите да слушнат сведочења од клучни поранешни и актуелни официјални лица од администрацијата.

Американскиот Сенат ќе го мине последниот ден во поставување прашања до адвокатскиот тим на претседателот Трамп, но и до законодавците од Претставничкиот дом, кои имаат улога на обвинители, во време кога се уште нема одлука дали да се дозволи сведочење на нови сведоци во овој дел од постапката.

Нејасно е дали републиканското мнозинство во Сенатот ќе го усвои барањето Демократите да слушнат сведочења од клучни поранешни и актуелни официјални лица од администрацијата. Ова прашање доминираше во првата сесија, во време кога сенаторите ги доставија писмено прашањата.

Фокусот беше врз Џон Болтон, поранешниот советник за национална безбедност, кој напиша во својата книга која допрва треба да биде објавена, дека Трамп му рекол дека привремено задржал 391 милион долари воена помош за Украина – се додека претседателот Володимир Зеленски јавно не најави истрага за корупција за неговиот демократски претседателски предизвикувач Џо Бајден.

Демократите инсистираат Бајден и други сведоци да бидат повикани да сведочат. Повеќето републиканци велат дека Трамп не сторил ништо лошо во „замрзнување“ на помошта за Украина и не сакаат ниту Бајден, ниту било кој друг, да биде повикан да сведочи и да бидат понудени нови докази.

Сенатот треба да гласа утре дали ќе дозволи Болтон и други релевантни сведоци да сведочат.

Независно од исходот од гласањето и евентуалните нови сведоци, Трамп останува речиси сигурен дека ќе биде ослободен од обвиненијата за импичмент.