Актери, режисери, љубители на филмот во кино-салата Карлтон во центарот на Торонто.
Се потпишуваа плакати, се разменуваа бизнис контакти, се договараа средби за идни проекти.
Се бараше билет повеќе.
Таму разговаравме со организаторката Вирџинија Еванс, која една деценија неуморно работи на реализирање на филмската смотра.
Македонскиот филмски фестивал ќе расте само ако расте бројноста на публиката, ни кажа таа.
„ Важно е постоењето на ваков фестивал затоа што доаѓаат луѓе кои никогаш не слушнале за Македонија. Македонија снима филмови веќе 100 години и никој не знае за тоа. Затоа ние сме тука да ја раскажеме таа приказна“, додаде Еванс.
Оваа филмска смотра е единствена од овој вид во Северна и Јужна Америка. Атрибутот „македонски“ му дава посебна егзотика, упатувајќи на нераскинливата врска на неговите творци и уметници со татковината.
Публиката беше разнолика. Од некои што многу години живеат во Торонто, до посетители на градот.
Ова беше викенд посветен на филмот, а кога заврши -
секој замина со свои импресии:
„Навистина важен настан. Особено за нашата заедница во Торонто. Пред се` ја образува јавноста во Канада, која иако е земја со мешавина од нации, наша должност е да образуваме, за нашата култура“, вели една посетителка.
„Младите треба да знаат за своите корени во Македонија. Има многу млади во Торонто, но малку знаат за јазикот и историјата на нашата земја“, додава оваа љубителка на филмската уметност.
„Ова ми е 3-та или 4-та година како доаѓам на Фестивалот. Изборот на филмови е одличен. Мајка ми е од Македонија и секогаш е интересно да се видат филмови од македонски автори“, коментира друга посетителка.
За Гласот на Америка, Вирџинија Еванс кажа дека целта останала непроменета од пред десет години кога почнала да се организира манифестацијата, а тоа е промоција на македонскиот филм и култура и нивно приближување до канадската публика.
Критериумите за учество на фестивалот се малку, но строги: филмовите мора да имаат врска со Македонија и мора да се со англиски превод. Само така, ни рече Еванс, канадската публика ќе може да ужива во настанот.