Како до подобри работнички права во Македонија?

  • Борјан Јовановски
Стручната јавност укажува дека законската рамка уназадува и бара поквалитетно организирање од синдикалните водачи.

1-ви Мај - празникот на трудот, ја потсети јавноста на работничките права и даде повод за дебата – каква е состојбата во оваа сфера?

Според стручната јавност, законската рамка што треба да обезбеди почитување на овие права, се уназадува, наместо да се унапредува.

„Она што до вчера било кршење на законот веќе да не е кршење на законот, затоа што законот е изменет на штета на работниците” вели Димитар Апасиев од невладината организација „Ленка“, која се го следи развојот на правата на работницте.

Законот за работни односи се менуваше дури 10 пати од 2005-тата - наваму. Според познавачите, во најголем дел на штета на работниците.

“Тоа се неможноста да биде работникот прогласен за технолошки вишок и притоа да немате одредба со која што ќе му забраните на работодовачот да прими друг работник, туку веднаш може работникот да биде заменет со друг работник. Основицата за исплаќање на отпремнина е многу намалена – сега, со последните измени на Законот за осигурување во случај на невработеност, кој што е во собраниска процедура, се намалува времетрањето на паричниот надоместок кој што ќе го примаат работниците кои што ќе останат не по своја вина како технолошки вишок. Понатаму, годишниот одмор, нерегулирање на она што е ноќен труд, нерегулирање на прашањето за работно време”, вели Цветанка Иванова, претседателка на Собраниската комисија за труд и социјална полтика.

Работодавачите не ги негираат проблемите, но одговорноста за ваквите состојби ја префрлаат на сидикалните здруженија и нивните капацитети да се изборат за своите права во социјалниот дијалог.

„Чувството на работниците визави работодавачите е секогаш спротивно и незадоволно, меѓутоа тоа треба да се бара во начинот на преговарање во процесите на договорање со тие што ги претставуваат работниците. Тие генерално можат да бидат незадоволни, но имаат свои преставници кои ги креираат и договораат законите и законските одредби, така што треба прво во своите редови да се договорат, да разберат кои се нивните права, да поработат малку на подигнување на капацитетите на синдикалното советување за да можат потоа да излезат со прави ставови или со барање. Тоа се прави низ институции, а на улица мислам дека беше во минатиот век”, вели Миле Бошков од Економско-социјалниот совет при Владата.

Еден од големите проблеми што ги засегаат работниците е и нивното право на штрајк.

„Има низа рестриктивни мерки кои што го ограничуваат правото на штрајк. Една од нив е тоа дека треба да имате прво формирано синдикат, па да организирате штрајк. Друго, дека треба вие да се помирите со работодавачот пред да му закажете штрајк, да поминете постапка за помирување која не е дефинирана колку може да трае. Од друга страна, има една противуставна одредба која ќе ја спориме пред Уставен суд – вели, вработените треба писмено да се изјаснат дали учествуваат или не учествуваат во штрајкот. Од друга страна, се воведе можност работодавачот да го тужи организаторот на штрајкот и да бара отштета против него. Тоа беше случајот со Шеќераната каде што работниците требаше отпосле и да му платат оштета на работодавачот. Сето тоа ги дестимулира работниците да организираат штрајк”, вели Апанасиев од невладината “Ленка”.

Како значителен проблем за работницте во дебатата отворена по повод празникот 1-ви Мај се издвои и безбедноста на работното место. Во оваа област, законската рамка е речиси целосно прилагодена на европските стандарди, но она што недостасува е нејзината имплементација. Загрижува податокот дека во Македонија, просечно, на работното место животот го губат 45 работници годишно, или, секој осми ден умира по еден работник.

„Работниците се ставени во една таква ситуација да се вработуваат надвор од јавните договори, да не се склучуваат договори за работа, да не им се обезбедуваат ниту елементарните услови за работа, да се тераат да се качуваат по скеле, да работат на плус 45 степени, необезбедени и незаштитени, да имаме тешки повреди и смртни случаи. Ние многупати сме апелирале до институциите на системот, посебно државниот инспекторат, тоа го знае целата македонска јавност, но повратнa реакција немало . Може ад хок ќе се направело некаков записник, ние сме реагирале и во писмена форма, истовремено сме барале конкретни решенија да се реши тој проблем. Институциите бегаат од одговорност”, тврди Павле Трендафилов од Синдикатот за градежништво.

За ваквите состојби во сферата на работничките права, стручната јавност во голема мерка ја фрла одговорноста врз квалитетот на сидикалното организирање. Сидикалните водачи се изложени на критики во јавноста дека повеќе ги интересираат привилегииите од соработката со политичките елити, отколку суштината на нивната функција.

„Точно е дека голем дел од условно лидерите, иако мене не ми се допаѓа тој термин, дека биле подложни на партиски и политички влијанија, ако не било така не би ја доживеале судбината работниците и организацијата”, вели Дојчин Цветановски, првиот човек на Синдикатот на вработените во образованието.